Македонија
Цикличен хибрид – Македонија назадува во правото и борбата против корупцијата, нотира извештајот на „Фридом хаус“
Назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата во Северна Македонија бележи најновиот извештај „Државите во транзиција“ (Nations in Transit) на организацијата „Фридом хаус“. Оценката во извештајот бележи опаѓање – од ланската 3,86 на 3,79.
Се наведува дека надежите се зголемиле во 2017 година по симнувањето од власт на антидемократскиот премиер Никола Груевски, но не се преземени значајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување. Забележано е и тоа што ниту Груевски ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата.
Со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година, како што се забележува, уште полошто е тоа што се намалија казните за таквите злоупотреби предизвикувајќи да бидат отфрлени важни случаи, а јавноста веќе се оптоваруваше од фатални корупциски скандали во здравствениот сектор.
„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде големи чекори за елиминирање на корумпираните мрежи, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на исти групи партии“, се вели во извештајот.
„Рејтингот за судска рамка и независност се намали од 3,25 на 3,00 поради лошото работење на Државниот судски совет и наводите за непотизам при именувањата на обвинители и судии“, се вели во извештајот.
Понатаму, се додава дека судството и натаму е една од најкритикуваните и најнедоверливи институции во Македонија. Забележани се контроверзии за смената на лидерот на Советот на судиите, назначувањето нови обвинители и судии со семејни врски.
Извештајот нотира и дека имало поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани, кои се услов за интеграцискиот пат на земјата во ЕУ.
Северна Македонија е во групата циклични хибриди заедно со БиХ, Црна Гора, Албанија и Ерменија за разлика од Косово, Украина и Молдавија, кои се во групата демократизирачки хибриди. Србија, Унгарија и Грузија се во групата автократизирачки хибриди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

