Македонија
Црвенковска: Правдата не смее да познава дискриминација и предрасуди
„Европските вредности не препознаваат дискриминација според родовата припадност, а ние неопходно е да ги следиме процесите и да учествуваме во креирањето рамноправно општество, кое нуди еднакви можности за сите и кое ги вклучува жените како идентичен фактор во креирањето иднина на државата. Ми претставува задоволство тоа што ОБСЕ има спроведено истражување токму во судството со фокус на прашањето за родова еднаквост и функционалноста на судскиот систем во ситуација во која ние имаме жени на високи позиции, но и голем број жени судијки. Но, оваа студија на ОБСЕ исто така преку препораките илустрира еден посовршен систем во кој е изолирана дискриминацијата не само по родова припадност туку и по етничка, со потенцирање на човековите права на помалите заедници, односно женските припаднички, кои се соочуваат со нееднаков третман при упис на Академијата за судии и јавни обвинители или при огласите за вработување“, истакна претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, при промоцијата на публикацијата на ОБСЕ посветена на родовата еднаквост и разноликост во судството.
![]()
Студијата на ОБСЕ наведува поголем број категории граѓани, на кои им се скратуваат некои права при водење судски постапки, со што им се загрозува правото на правда. Со постоењето вакви случаи се нарушува легитимитетот на судството, а државата е во фаза во која е неопходно да покаже високо ниво на правичност, еднаквост и почитување на човековите права како важен предуслов за судство без дискриминација, она што од нас го бараат и европските вредности.
![]()
„Сите препораки укажуваат на недостатоци на судскиот систем, кои ја поттикнуваат дискриминацијата, а потоа тоа влијае на оценките за судството и создава граѓани што ја губат довербата. Затоа мислам дека колку и да имаме направено за родовата еднаквост или за недискриминацијата по етничка основа, ние и понатаму мораме да развиваме механизми за заштита на сите граѓани, и тоа и на оние што се дел од судството или конкурираат да бидат дел и на оние кои се од другата страна – странките во судските постапки“, дополни Црвенковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

