Македонија
Црвенковски: Од ЕУ не бараме незаслужена награда, туку заслужена шанса
Ние не бараме незаслужена награда, туку бараме и очекуваме да ни се пружи заслужена шанса да го отпочнеме процесот на преговорите со Еверопската Унија, истакна поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Тој учествуваше на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“, каде беше потпишана заедничката декларација на членовите на Подгоричкиот клуб, во кој членуваат поранешни претседатели и премиери на земјите од регионот.
„Недобивањето на датум за почеток на преговорите во јуни ќе предизвика големо разочарување но и сериозно нарушувње на кредибилитетот на Европската Унија и на македонската Влада во очите на македонскиот народ и сите граѓани на нашата земја“, рече Црвенковски.
Поранешниот претседател додаде дека е свесен оти на домашен план имаме големи слабости во многу области, меѓутоа, според него, отворањето на преговорите би бил најголемиот имплулс за спроведување на брзи и квалитетни реформи и исполнување на неопходните критериуми и стандарди.
„Не сум горд на ова што ќе го кажам и однапред се извинувам на сите кои што нема да се согласат со мене, но ние од овој регион, често пати не сме подготвени ниту пак имаме волја да спроведуваме сериозни и болни реформи, а клучните реформи се воглавно болни, доколку не сме изложени на сериозен притисок од надвор. Ете, затоа верувам дека за сите нас процесот на преговори е исто толку важен, ако не и поважен од самиот чин на пристапување во полноправно членство во Европската Унија“, рече Црвенковски.
Тој порача дека доколку ова лето не добиеме датум за преговори, за него тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во рамките на Европската Унија.
Во однос на декларацијата, Црвенковски рече дека таа ќе биде доставена до највисоките институции на Европската Унија, но и на националните власти на земјите членки на Унијата. Во неа, поранешните претседатели и премиери од регионот, ја повикаа Европската унија и нејзините лидери да одржат отворена кредибилната перспектива за пристапување, врз основа на строги, но правични критериуми за пристапување, во склад со поединечните заслуги и постигања на секоја држава. Во декларацијата се додава и дека од суштинска важност е да се донесе одлука за определување датум за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, а изразена е и целосна поддршка на склучувањето на Спогодбата од Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

