Македонија
(Видео) Црвенковски: Договорот со Бугарија со формулацијата „заедничка историја“ беше голема грешка
Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен. Ова го истакна експретседателот и премиер Бранко Црвенковски говорејќи на дебата на Советот на амбасадорите.
Правејќи споредба помеѓу договорот со Грција и Бугарија, Црвенковски оцени дека преспанскиот не го смета за добар, уште помалку за идеален, но претставува избор на помалото зло. Овој договор, рече Црвенковски, затвори едно тешко отворено прашање и односите со Грција се подобрија, додека по договорот со Бугарија, сосема спротивно – односите се неспоредливо полоши од претходно.
„Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, особено со формулацијата ‘заедничка историја’ и со формирањето на мешовитата историска комисија, со мандат да арбитрира за историските настани и личности, беше голема грешка. Тезата што се пласира во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес, кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо, освен празна реторика. Книга со корици и празни листови. Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но, во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот што постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува преземените договорни обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за каков било оптимизам“, рече Црвенковски.
Како што додаде, единствено можно решение е секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи. Според Црвенковски, треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања, рече експретседателот.
Тој порача дека јавноста треба да биде подготвена дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае подолг временски период и дека поради тоа, нема да ги почнеме преговорите со Европската Унија. Тоа за Македонија, се разбира, не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија, која ќе нè парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома, рече Црвенковски.
Експретседателот додаде дека како држава се однесуваме како да е почетокот на преговорите цел сама за себе, а не само една етапа од долг процес со сериозни предизвици и неизвесен крај, кој нема да зависи само од нашите резултати и достигнувања, туку и од плановите и интересите на постојните, особено најмоќните членки на Унијата.
Тој ја критикуваше Европската унија дека со веќе постојните 27 држави-членки и со консензуалниот начин на одлучување за најважните прашања е премногу комплицирана и недоволно функционална и ефикасна во своето делување. Рече дека како ќе изгледа ЕУ после 10-15 години и како ќе се одрази тоа на процесот на проширување нема да се одлучува во Скопје, Белград, Тирана и Подгорица туку во Брисел и пред се во Париз и Берлин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Вo среда ќе има врнежи од дожд, локално пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта, кога во западните делови ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе бидат претежно од снег. Во западните делови се очекува да се формира нова снежна покривка. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег.
Македонија
Посебен сообраќаен режим денеска во Скопје
Денеска, по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.

