Македонија
ЦУК: Во последното деноноќие 24 пожари, до утрово – активни само два
Во текот на вчерашниот ден, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи, противпожарните тимови интервенирале на 24 пожари, некаде заеднички – здружени од повеќе општини, а и со помош од месните жители, како и со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР, извести ЦУК.
Како што соопшти ЦУК, утрово еден пожар се води како активен – во општина Прилеп, кај село Алинци, каде што горела ниска вегетација, а сè уште чадела само депонијата, што исто ака била опожарена, и пријавен е уште еден. Конкретно, регионалниот ЦУК Прилеп извести дека околу 4.40 часот утрово е почнат пожар, при што гори ниска вегетација и деградирана шума кај селото Небрегово во општина Долнени. Во гаснењето на пожарот интервенирале четири пожарникари од ТППЕ Прилеп со едно противпожарно возило.

Вчерашните изгаснати 24 пожари, при што горела сува трева, ниска вегетација, деградирана шума, а и мешана и борова шума, биле во 12 општини: Илинден, кај село Бучинци; Петровец, Стрелиште Чојлија; Општина Долнени, кај село Слепче, село Гостиражни, село Секирци, село Стровија и кај село Новоселани; Прилеп, кај село Загорани и кај кај фабрика „Комфи Ангел“; Крушево, село Норово; Кривогаштани, село Кривогаштани; Струмица, кај село Сушица, село Куклиш, село Вељуса и кај село Водоча; Гевгелија, село Ново Конско; Кичево, село Челиковци; Куманово, кај населбата „Бедиње“ и кај село Романовце; Липково, кај село Матејче и кај село Ваксинце и во Општина Кратово, кај село Коњух, каде што горела ниска вегетација, грмушки, ниска шума, една штала и неколку напуштени куќи, информира ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот том на етимолошкиот речник – капитално дело за македонскиот јазик реализирано со буџетска поддршка, ќе растат средствата за наука, најави Јаневска
Првиот том на Македонскиот етимолошки речник е дело од огромно значење за македонскиот јазик, литературата и науката. Целиот проект за прв ваков речник е доказ дека кога државата вложува во наука, а научните работници со посветеност истражуваат и создаваат нови вредности, тогаш имаме значајни и трајни резултати, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на Речникот којшто е еден од научно-истражувачките проекти што беа финансирани во 2025 од буџетски средства. Негов автор е професор д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука има полна поддршка од Владата да ги зголемува вложувањата во научни истражувања. Лани со 374 милиони денари беа финансирани 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети и факултети, на научните институти и на МАНУ, а во наредниот период ќе се вложуваат уште повеќе пари во науката и истражувањата.
Минатата година буџетот за наука беше речиси двојно поголем од 2024 и изнесуваше 680 милиони денари, а оваа година се обезбедени 773 милиони денари.
„Македонија мора да се сврти кон науката ако сакаме да направиме исчекор од досегашниот тек на работите во сите сфери. Премногу долго сме заробени во инерција, навики и модели што не носат напредок. Светот, па и регионот, одат напред со брзи чекори, а ние не смееме да си дозволиме само да ги гледаме“, укажа министерката Јаневска.
Финансирањето на издржани научни проекти веќе нема да биде проблем. Заедно со новите закони за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование ќе се создаде добра основа за развој на науката и истражувањата и важно е само научниците и професорите да сакаат да творат.
Македонија
„Изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука“: Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата очекува Владата да постапува одговорно
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата со внимание го следи процесот за избор на нов државен јавен обвинител, нагласуваат од таму.
„Имајќи предвид дека Совет на јавни обвинители јавно соопшти дека дал позитивно мислење за четворица кандидати кои ги исполнуваат законските услови и дека предметот е доставен во понатамошна постапка до Владата на Република Северна Македонија, сметаме дека од овој момент одговорноста за зачувување на кредибилитетот на постапката е кај извршната власт“.
Укажуваат дека јавни изјави на Претседателот на Владата, со кои, као што велат, однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот.
Особено, како што појаснуваат, имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката.
Според нив, изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз владеењето на правото и системот на кривична правда.
„Оттука, очекуваме Владата да постапува одговорно, да се раководи исклучиво од законските критериуми и стручните оценки, и да обезбеди транспарентност во носењето на конечната одлука.
Во контекст на тековните предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, изборот на државен јавен обвинител има суштинско значење за обезбедување професионалност, суштинска амбиција за реформи и подобрување, и институционална независност во работењето на обвинителството. Затоа, секоја јавна комуникација поврзана со оваа постапка треба да придонесува кон зајакнување, а не кон релативизирање на довербата во процесот кој е утврден со закон“.
Потсетуваат дека и во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се нотираат забелешки поврзани со потребата од јакнење на независноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство, како и од доследно почитување на процедурите во клучните именувања.
„Оттука, особено е важно постапката за избор на државен јавен обвинител да се спроведе на начин што ќе покаже институционална зрелост и јасна дистанца од какви било политички влијанија, во согласност со европските стандарди и преземените обврски“.
Платформата, подвлекуваат, нема да навлегува во оценка на поединечни кандидати, но јасно укажува дека одговорноста за интегритетот на овој процес е директно на Владата. Очекуваат одлуката да биде јавно, детално и аргументирано образложена врз основа на однапред утврдени и мерливи критериуми. „Секое отстапување од принципите на професионалност, еднаков третман и транспарентност ќе значи сериозно нарушување на довербата во постапката и дополнително ќе ја поткопа довербата во независноста на обвинителството“.
Македонија
Чантата чини 944 денари, не 30.000 евра како што вели СДС: Сопругата на Ѓорѓиевски очекува јавно извинување
„Кога се нема аргументи, кога политиката се сведува на политиканство, СДСМ нема да зборува за работите кои се важни за граѓаните, за фактот што е направено за Скопје и Скопјани, туку ќе вмешува семејства, личности кои не се директно во политиката, неретко и нашиот малолетен син и се така за да привлечат внимание. За волја на вистината, фактите се следни. Мојата чанта не е некакви 30 000 долари како што тврди СДС, ниту е Хермес, туку е купена од продавницата на „Obuca Metro“ Македонија, и тоа на попуст за 944 денари. Истата нема никаква врска со брендот Hermès, ниту по потекло, ниту по цена, ниту по вредност, ниту пак носи натпис на брендот. Доколку не веруваат, може да им ја подарам мојата на увид, а може и самите да ја посетат продавницата, има одлични работи за супер ефтини цени за луѓе кои живеат скромен и чесен живот. Има сѐ уште на располагање од истиот модел на поголема варијанта од малата чанта“, стои во демантот од сопругата на скопскиот градоначалник, откако од СДСМ беше посочено дека таа носи чанта од 30.000 долари.
Во демантот се ннаведува дека обидот преку евтина конструкција да се создаде наратив за „луксуз“ и „аздисаност“ служејќи се со лаги и клевети во најмала рака е безобразно.
„Не е мое да коментирам политички, но вмешувањето на потесно семејство во отсуство на вистински аргументи и ширење на лажни вести не е политика, туку дно.
Барам јавно извинување за изнесените невистини и повлекување на лажните тврдења.
Во спротивно, ќе ги искористам сите правни механизми за заштита на честа и угледот.
Политиката не смее да се води преку лаги и лични дискредитации“.

