Македонија
ЦУК: Вчера пожарникари гаснеа 10 пожари на отворен простор, сите се изгаснати
Во текот на вчерашниот ден противпожарните тимови интервенирале на вкупно 10 пожари на отворен простор и сите ги изгаснале, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК). Денеска, временските услови се повлажни и се надеваме дека нема да има многу пожари, велат од ЦУК.
При вчерашните десет пожари гореле сува трева, ниска вегетација, деградирана, а и мешана и борова шума, лозја, овоштарници, капини, депонии, отпадоци и слично.
Регионалниот ЦУК Скопје информира дека пожарникарите од БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие ги бележат следните интервенции: во периодот од 10.30 до 13.35 часот гаснеле запалено ѓубриште кај спортската сала „Борис Трајковски“. Во гаснењето на пожарот интервенирале со две противпожарни возила и пет пожарникари. Зафатена била површина од 1.500 м2 во општина Карпош. Во периодот од 13.50 до 15: часот гаснеле запален сува трева покрај улицата Бел камен, при што во гаснењето на пожарот интервенирале со едно противпожарно возило и 4 пожарникари. Зафатена била површина од 4.000 м2 во општина Бутел. Во периодот од 21.22 до 22.55 часот, на улицата Иван Манолев во општина Бутел, гаснеле запален двор – запалена барака и шупа, а во гаснењето на пожарот интервенирале со 4 противпожарни возила и 12 пожарникари.
Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Битола во периодот од 16.45 до 18 часот со едно противпожарно возило и 3 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација кај селото Долно Српци во општина Битола; ТППЕ Демир Хисар во периодот од 14.30 до 15.35 часот со едно противпожарно возило и двајца пожарникари интервенирала на ниска вегетација во атарот на селото Обединик во општина Демир Хисар; ТППЕ Прилеп од 16.25 до 17.10 часот со едно противпожарно возило и тројца пожарникари интервенирала на запалена ниска вегетација меѓу касарните и „Дата центар“, кај депонијата во Прилеп, во општина Прилеп.
Регионалниот ЦУК Штип ја пренесува информацијата од ТППЕ Берово во која се наведува дека во периодот од 15.15 до 17.15 часот интервенирале на запалена ниска вегетација во близина на викенд-населбата Суви Лаки. Во гасењето на пожарот интервенирале со едно противпожарно возило и двајца пожарникари и се вклучило и месно население, како и две лица од граничната полиција. Имале и мала интервенција во близина на истата локација (општина Берово).
Регионалниот ЦУК Куманово ја пренесува информацијата од ТППЕ Куманово во која се наведува дека во периодот од 13.10 до 16.05 часот со едно противпожарно возило и тројца пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација и појаси од багреми во населбата Долно Којнари во општина Куманово; и ТППЕ Крива Паланка бележи една помала интервенција во општина Крива Паланка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

