Македонија
ЦУК: Вчера 33 пожари на отворено, денеска пожарите почнаа од мугрите
Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 33 пожари во 23 општини, од кои 30 се изгаснати. Според информациите што стигнаа до Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи, противпожарните тимови (некаде заеднички – здружени од повеќе општини) изгаснале 30 пожари до утрово, а три сè уште се евидентираат како активни до утрово, извести ЦУК.
Карактеристично за вчерашните пожари е што до пладне немало пријавено – нивното појавување почнало од 13.15 часот. Тогаш наеднаш се пријавени три пожари: два во Скопско и еден во Струмичко, поголемите пожари почнаа на крајот на денот и доцна во ноќта, а последниот вчерашен беше пријавен во 23.20 часот – пожарот над селото Новоселани во правец кон село Лепопелци во општина Чешиново-Облешаво, велат од ЦУК.
При вчерашните пожари гореле сува трева, ниска вегетација, мешана и борова шума, а и прагови на железничка пруга. Конкретно, при пожарот што почнал околу 14.30 часот и сè уште е активен кај селото Слепче во општина Долнени биле зафатени ниска вегетација, грмушки и дел од праговите на железничката пруга. Поради опожарување на железничките прагови, а и поради работа за нивна промена, железничкиот сообраќај Скопје – Битола – Скопје не се одвива. Покрај овој пожар кај селото Слепче, активни се уште два, и тоа во: општина Прилеп, кај селото Алинци, каде што гореле сува трева и ниска вегетација, и во општина Сарај, кај селото Радуша, при што првин горела депонија, а потоа пожарот се раширил на околната вегетација, и во општина Долнени, кај селото Слепче, каде што гореле сува трева, грмушки и железнички прагови. Поради опожарување на железничките прагови, односно поради нивна промена, железничкиот сообраќај Скопје – Битола – Скопје, не се одвива, додаваат од ЦУК.
Инаку, овој ден, за разлика од вчерашниот кога сите 33 пожари беа попладне и во ноќта, денеска денот од мугрите почнува со пријавен пожар во 6.50 часот. Конкретно, регионалниот ЦУК Куманово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Крива Паланка од 6.50 часот, со четири пожарникари и со едно противпожарно возило. интервенираат на пожар кај селото Градец, каде што горат сува трева и борова шума.
ЦУК апелира до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено и да не палат отпадоци дури и во своите дворови бидејќи ветерот многу лесно може огнот да го пренесе на околната вегетација, која е многу сува, а оваа година е многу нарасната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата на Мицкоски да најде пари за 600 евра минимална плата за работниците, бара СДСМ
„Не може да има пари за криминални тендери, а да нема за работниците. Наместо изговори за да не ги покачи платите, Владата на Мицкоски да обезбеди пари за зголемување на минималната плата за 600 евра“, велат од СДСМ.
„Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа. Последиците веќе се гледаат. Квалификувани работници од Македонија на големо заминуваат во странство, младите се иселуваат, а кај нас се увезуваат „економски работници“.
За време на владеењето СДСМ парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Имајќи ја предвид сè потешката економска положба на работниците и барањата на Сојузот на синдикатите, СДСМ подготви нови законски решенија за: зголемување на минималната плата на 600 евра и замрзнување на платите на функционерите.
Еве законско решение на маса, сега ќе се види кои партии ќе бидат на страната на работниците, а кои ќе останат на страна на тендерите“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Европските либерали ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат демократијата и ја поддржуваат Либерално-демократската партија
Групата на либерали и демократи од Европа (АЛДЕ) во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур јасно и недвосмислено говореа и ја поддржаа одлуката за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија, оценувајќи дека земјата направила значителен демократски и институционален напредок, извести ЛДП.
„Ја поздравуваме одлуката за затворање на пост-мониторингот за Северна Македонија, тоа е резултат на долгорочни реформи и јасна европска ориентација, при што либералната политика и ЛДП имаат значајна улога во тој процес”, истакнаа од АЛДЕ.
„Оваа одлука претставува силно европско признание за патот по кој треба да се движи државата и јасен сигнал дека проевропските и либерални политики се исправниот избор за иднината на Северна Македонија.
Во своето обраќање, европските либерали нагласија дека Северна Македонија денес функционира како демократија во која, во најголем дел, се почитуваат основните човекови права и слободи, а соработката со Советот на Европа е стабилна и конструктивна.
Пратениците од АЛДЕ посебно истакнаа дека затворањето на пост-мониторингот не значи затворање на надзорот, туку почеток на нова фаза на демократска зрелост, отчетност и одговорност, во која владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата остануваат клучни приоритети.
Во овој контекст, европските либерали уште еднаш ја потврдија својата долгогодишна и принципиелна поддршка за Либерално-демократската партија (ЛДП) и за либералните вредности во Северна Македонија, кои континуирано претставуваат двигател на европските реформи, заштитата на човековите права и развојот на отворено и демократско општество.
Либералите во Европа потенцираа дека ЛДП останува нивен кредибилен партнер во Македонија и важен носител на либералната визија за слободно општество, силни институции, еднаквост и почитување на човечкото достоинство.
Посебно внимание беше посветено на заштитата на правата на малцинствата, вклучително и правата на маргинализираните групи, како и на обврската за целосна примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права, при што беше нагласено дека овие прашања се суштински дел од европската интеграција“, се наведува во соопштението на ЛДП.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.

