Македонија
ЦУК: Заглавени или излизгани возила, пожари на отворено, повторно пожари на оџаци
Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.642 повици на дединствениот број за итни случаи 112, од кои реални биле 43,61 %, а 1,95 % биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 42,19 %, кон Итната медицинска помош 45,70 %, кон пожарникарите 10,16 % од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Инаку, 1.234 повици за итни случаи на 112, кои се вкупен збир од оние што биле за комбинирано решавање од реалните повици 1,95 % со другите 1,95 % што се именувани како неитни повици биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а на директно коордирнирање за нивно решавање.
Според извештаите во ЦУК за регистрираните пожари, податоците покажуваат дека и покрај студените температури, пожари на отворено сè уште има, особено за викендите. Пожарникарите од Македонска Каменица и од Берово при два случаја и од Скопје при четири случаи имале такви интерванции. Ваквите пожари на отворено, покрај тоа што ја загрозуваат околината, особено го загрозуваат квалитетот на амбиенталниот воздух во подрачјата во кои е веќе загаден, како што е Скопската Котлина.
Паралелно, пожарникарите во државата интервенирале и на повеќе пожари во населените места, при што некои од слични пожари во населени места биле поради запалени оџаци, што оваа грејна сезона се многу чести, а се потенцијална опасност за опасни поголеми пожари. ЦУК заедно со медиумите алармира да се чистат превентивно оџаците во согласност со препораките на пожарникарите, па макар и сега во зимската грејана сезона. Запалени оџаци вчера гаснеле во Тетово, Штип, Охрид и во Битола. Во последните три деноноќија имаше и три регистрирани излизгувања возила и заглавувања: секое деноноќие по едно – на Пониква, на Галичица и вчера кај браната „Водоча“ во Струмичко.
Регионалниот ЦУК Струмица извести дека околу пладне била добиена пријава од граѓанин за излетано возило од патот на патниот правец од Струмица кон браната „Водоча“. Веднаш биле известени МВР и ТППЕ Струмица, кои излегле на терен и констатирале дека се работи за излетано возило надвор од патот во длабочина од 5 метри. Лицата ги немало во и околу возилото, биле барани и било констатирано дека имало две лица и кои, за среќа, не биле повредени. Инаку, двете лица сами го напуштиле местото на настанот и не го пријавиле сами и навреме случајот. Излизганото возило од долот длабок 5 метри вчера попладне било извлечено.
Вториот случај за животозагрозувачка ситуација при итен случај се случил кога пожарникарите од Скопје, вчера, со еден ПП-тим гаснеле запалена електрична инсталација на улицата Пекљане бр. 1А во општина Ѓорче Петров, каде што едно лице добило задушување од чад и било евакуирано и безбедно било пренесено во болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бегај од Скопје се сели во Тетово, Гостивар и Дебар, улиците ќе бидат затворени
Во Тетово, Гостивар и Дебар денеска ќе има посебен сообраќаен режим поради престојот на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој ја завршува тридневната официјална посета на земјава.
Општина Тетово и СВР Тетово информираат дека денеска во градот ќе има привремени безбедносни мерки, посебен режим во сообраќајот и забрана за паркирање на повеќе улици по повод посетата на претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај на Тетово.
Општина Тетово препорачува возила да не се паркираат на булевар „Маршал Тито“ од почетокот до кружниот тек кај пазарот со булевар „Благоја Тоска“, на булевар „Благоја Тоска“ од кружниот тек со булевар „Маршал Тито“ до зградата на Општина Тетово, на улица „ЈНА“ („Дервиш Цара“) во целост, до семафорите, на улица „Илинденска“ од Основен суд до Универзитетот на Југоисточна Европа, на улица „Киро Ристоски-Дрнц до Арабати Баба Теќе, на улица „ВонВардарска“ и на улица „172“.
-Возилата паркирани спротивно на известувањето ќе бидат отстранети од страна на службите, наведуваат од Општина Тетово.
СВР Тетово апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат полициските службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
-Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедноста на патниот сообраќај Гостивар при СВР Тетово ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Тетово и Гостивар, посочија од СВР Тетово.
Согласно агендата, претседателот Бегај ќе ја посети Општина Тетово, ООУ „Лирија“, Шарената џамија и Арабати Баба Теќе.
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, кој е во тридневна официјална посета на земјава, по посетата на општина Гостивар, престојот ќе го заокружи со посета на Дебар, во попладевните часови, од каде преку граничниот премин Блато ќе замине за Албанија.
По тој повод од ОВР Дебар соопштија дека попландево во сила ќе биде посебен сообраќаен режим со цел непречено движење на возилата од делегацијата и непречено одвивање на предвидените активности.
-За таа цел, полициски службеници од ОВР Дебар и СВР Охрид, ќе вршат физичко обезбедување на трасата на движење како и на објектите каде се предвидени работни средби. Мерките стартуваат утре, 28 февуари од 12 часот и ќе траат до 19 часот, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секорот за внатрешни работи -Охрид.
Дообјаснува дека посебниот сообраќаен режим ќе се спроведува со повремено затворање за сообраќај на регионалниот пат Р-1202, од Бошков мост до Дебар, улиците „Елена Ѓика“ од АД „Кнауф“ до кружен тек „Енѓи“, улиците „Иса Болетини“, „Јусуф Грвала“ и регионалниот пат Р-1201 до улиците „Мојси Големи“, „Амди Леши“, Јосиф Багери и регионалниот пат 1202 Дебар- граничен премин Блато.
-Апелираме до граѓаните и до сите учесници во сообраќајот, да се придржуваат до насоките на полициските службеници кои ќе вршат обезбедување и на исклучивост во користењето на своите моторни возила во овој временски период, посочува Димоски.
Според Општна Дебар, Бегај ќе се сретне со градоначалникот, Фисник Меља, но не се предвидени изјави.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера со државни и воени почести го пречека претседателот на Албанија Бајрам Бегај.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

