Македонија
ЦУК: Изгаснати 14 пожари на отворено, поплавувања, наноси и одрони од поројни дождови
Пожарникарите вчера интервенираа и изгаснаа 14 пожари на отворено што се ширеа со голема брзина, а на терен во исто време имаше поројни дождови, поплавени подруми, наноси по патишта и одрони, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
-Вчера, прогнозата на УХМР се оствари и имаше посилни локални врнежи прво во северниот дел од државата, што потоа се проширија во западниот дел на државата, а во исто време во југоисточниот дел на државата имаше пожари со засилен ветер заради што опасно брзо се ширеа, соопшти ЦУК.
Како што посочуваат, вчера попладне во 15:50 часот на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за пожар кај село Жеганци во Општина Чешиново – Облешево, на влезот до селото кај локалниот канал.
-Огнот се движел брзо и претставувал опасност за куќите. Биле известени пожарникарите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ од Кочани, коишто го локализирале, а потоа и го изгаснале пожарот. Потоа, на 112 во ЦУК, е добиена пријава за пожар на отворено кај месноста позната како „Трафостаница – Дуброво“ во Општина Неготино што, според пријавителот, бил со големи размери. Пожарникарите од ТППЕ Неготино веднаш излегле на терен, велат од ЦУК.
Во атарот на село Дуброво, прецизираат,горела сува трева и шума.
-Заради засилениот ветер пожарот се проширувал со голема брзина. На терен интервенирале Територијалната противпожарна единица ТППЕ Неготино со 12 пожарникари и три противпожарни возила, а на помош биле на терен и пожарникарите од ТППЕ Кавадарци со три пожарникари и едно теренско (4х4) возило. Заеднички, храбрите пожарникари од Неготино и од Кавадарци го ставиле огнот под контрола и ја отстраниле опасноста по населеното место,а потоа и го изгаснале, посочуваат од ЦУК.
Другите изгаснати пожари на отворен простор, при што гореле стрништа, висока трева и ниска вегетација и шума, како што нагласуваат, биле во:Општина Битола, 4 пожари на отворено, во реонот меѓу селата Живојно и Бач; кај село Вашарејца, во атарот на село Велушина и во непосредна близина на „РЕК Битола“; Општина Долнени, во атарот на с.елоСливје; Општина Прилеп, во близина на фабриката ,,Микросам“; Општина Василево, кај село Василево; Општина Валандово, кај село Марвинци; Општина Делчево, 2 пожара – еден помеѓу селата Ѕвегор и Габрово и еден кај село Крупиште; Општина Карбинци, во атарот на село Карбинци и во Општина Куманово, кај во село Доброшане.
-Заради обилните врнежи дожд, од друга страна, што ја зафатија Општината Дебар и околината Регионалниот ЦУК Дебар информира дека има поплавено неколку подруми во населбата „Венес 2“ и во другиот дел од градот каде што на терен се излезени екипи од ЈП „Стандард“ и пожарникарите од ТППЕ Дебар, но немало некои поголеми материјални штети. Исто така, од големите врнежи во атарот на село Долно Косоврасти реката којашто доаѓа од атарот на село Горно Косоврасти излегла од своето корито и го поплавила патот и блиската околина до течението со вода и со наноси од земјена и камена мешавина – лава/кал. На местото на настанот било веднаш интервенирано со градежна машина – булдожер од „Кнауф Дебар“ и со приватни камиони, по што патот и коритото на реката се исчистени и патот бил повторно прооден, велат од ЦУ.
ЦУК апелира итните случаи и опасностите за граѓаните, за нивните материјални и за приодните добра да се пријавуваат на Единствениот телефонскиот број за итни случаи 112 во ЦУК, со што, како што нагласуваат, побрзо се лоцира местото на настанот, како во урбана средина, така особено што е на терен на отворено, со што се има можност и побрзо и поефикасно се ангажираат институциите од Системот за управување со кризи (СУК).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

