Македонија
ЦУК: Најмалку 45 пожари на отворено, од коишто три сѐ уште се водат активни
Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2.147 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 44,76%, а 55,24% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон Полиција биле упатени 54,65%, кон Итната медицинска помош 28,73%, а кон пожарникарите 15,77% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 0,85% со другите 53,02% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.189 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
ЦУК информира дека пожари на шуми и на вегетација на отворено, во последното деноноќие имало над 40 регистрирани по пријава. Пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.
ЦУК информира дека од евидентираните 45 пожари на отворено во последното деноноќие, три се уште се водат како активни утрово.
Регионалниот ЦУК Скопје, известува дека пожарот кај село Виниче Општина Гази Баба, што започна на ден седми февруари се уште е активен. Утрово нема информација за тоа дали некој интервенира на истиот, велат од ЦУК.
Регионалниот ЦУК Штип, информира дека пожарникарите од ТППЕ Пробиштип во во атарот на село Јамиште (што започна на ден 06.02.2024 година, (кој беше локализиран околу 18:00 часот на ден 07.02.2024 година) вчера околу 13:30 часот (08.02.2023 година), повторно бил активиран и истиот се ширел кон територијата на Општина Кратово. Ситуацијата со пожарот се следела од страна на ТППЕ Пробиштип и ЈП „Национални шуми“ – подружница „Пробиштип“, како и од страна на ТППЕ Кратово, а се контактирало и со локалното население за евентуална потреба од интервенција. Во утринските часови на терен заминале по една екипа од ТППЕ Пробиштип, од Кратово и од Кочани, известува ЦУК.
Регионалниот Тетово, известува дека од Единствениот број за итни повици Е-112 во 16:07 часот е добиена информација за пожар над село Беловиште (Општина Јегуновце), поточно над ресторан „Бела Виста“ при што горела дабова и букова шума, Веднаш биле известени се Националниот парк „Шар Планина“ коишто вчера од 16:15 до 17:25 часот интервенирале со двајца вработени, како и едно лице од РЦУК Тетово. Во 20:30 часот, добиена е информација дека пожарот повторно е активиран, за што се известени НП „Шар Планина“, но поради тешко пристапното место истите не интервенираа во текот на ноќта. Во утринските часови мал тим ренџери од националниот парк дејствувал и го локализирал пожарот, по што ќе се внимава пак да не се активира. За оваа состојба запознаени се и ТППЕ Тетово, но поради непристапен терен тие не се во можност да интервенираат, соопшти ЦУК.
Инаку, паралелно гасејќи пожари во населените места, најмалку 42 изгаснаа пожарникарите од вкупно 45-те евидентирани пожари на отворено, на места и со помош на локално население, од: Скопје (3), Битола (9), Прилеп (2), Крушево, Демир Хисар, Струмица, Гевгелија, Валандово, Радовиш, Македонски Брод, Свети Николе (3), Кочани (3), Виница (2), Делчево, Берово, Куманово (6), Крива Паланка, Ранковце, Тетово и пожарникарите од Гостивар (2).
Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривичен суд го добил барањето од Палевски за адвокат
Кривичниот суд го добил барањето од Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари за ангажирање на адвокат кој ќе го застапува осомничениот Љупчо Палевски во процесот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Од судот информираа дека од Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари до Основниот кривичен суд Скопје е доставно официјално известување за екстрадицијата на осомничениот за кој веќе е определна мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, како и барање за ангажирање на адвокат кој ќе го застапува во текот на постапката.
„Судот, во рамки на Законските одредби ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка која е во надлежност на Основно јавно обвинитeлство – Скопје и добиените барања ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување“, информираа од Кривичниот суд.
Дополнително, судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде благовремено известена.
Македонија
Велковски: Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока цел
Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, заедно со претставникот на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, денeска, во детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден присуствуваше на промоција на проектот „Градење здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст”.
„Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока национална, општествена и лична цел“, потенцира Велковски и додаде дека здравата и безбедна храна е неопходност за подобар раст и развој на децата, особено во првите години од животот.
Во рамките на соработката со УНИЦЕФ почна реализацијата на проектот „Градење на здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст”, во партнерство со Асоцијацијата ЕДУЛЕНД, а активно учество во проектот зема и Здружението за одржлив развој АРЕТЕ.
“Како резултат на овој проект произлегоа едукативни обуки кој што почнуваме да ги пилотираме првично во 4 градинки за вработените во предучилишните установи, а понатаму во план е да опфатиме уште 30 градинки низ целата држава. Она што ме радува е дека на овие обуки учесници се вработените во детските градинки: директор, стручни работници и соработници, воспитувачи, негуватели и вработени во кујните каде се приготвува храната за децата. Исто така се изработи и Прирачник со насоки за здрава исхрана”, рече министерот за труд и социјална политика.
Министерот Велковски додаде дека воспитувачите и негувателите од раното детство имаат клучна улога во обликувањето на здравите прехранбени навики на децата, не само преку храната што ја нудат во градинките, туку и, како што рече, преку однесувањето што го моделираат, нивните интеракции со децата за време на оброците, дискусиите и активностите што ги преземаат со децата.
“Од овие причини, практичното унапредување на нивните професионални компетенции има големо значење”, потенцираше министерот Велковски.
Македонија
Ѓорѓиевски и раководството на Централната кооперативна банка садеа дрвца во паркот во 11 Октомври – араки
Во заедничка акција со раководството на Централната кооперативна банка, денес, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски садеше дрвца во паркот во 11 Октомври – бараки. Истовремено беше поставена и нова урбана опрема обезбедувајќи удобна и пријатна средина за сите граѓани, кои тука може да се одморат и да се рекреираат.
„Денес, заедно со раководството на Централната кооперативна банка сме во новоизградениот парк во населбата 11 Октомври – бараки, каде што садиме дрвца и поставуваме нови клупи. Дополнувањето на зеленилото и содржините во оваа нова локација за одмор и рекреација придонесуваат кон зголемување на естетскиот и еколошкиот аспект, но и кон креирање удобно место за одмор на нашите граѓани, кои, се надевам, често ќе го посетуваат во своето слободно време. Нашата јасна визија и ангажман за зголемување на зелените површини и урбаната опрема во општина Кисела Вода е евидентна преку изградбата на 15-ина паркови и спортско-рекреативни центри во овие 2,5 години и ова е нешто што ќе продолжи да се случува со зголемена динамика на работа. Сакам да ѝ се заблагодарам на Централната кооперативна банка за нивниот придонес кон унапредувањето на квалитетот на живот на нашите жители. Се надевам дека оваа соработка, како чин на општествена одговорност, ќе биде инспирација и за другите деловни субјекти и дека ваквиот начин на вложување во развојот на општината во иднина ќе стане стандард за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.