Македонија
ЦУК: Опасна бездна на кејот на Вардар во скопски Аеродром
Центарот за управување со кризи, на денешната прес-конференција која ја одржа директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, укажа дека од страна на загрижени граѓани пред половина година е добиена пријава за постоење на опасност на кејот на реката Вардар во Скопје, на потегот позади хотел „Русија“ во насока на мостот Близнак.
Од страна на ЦУК е излезено на лице место и е констатирана провалија длабока триесетина метри, со безмалку вертикална страна која во должина од педесетина метри ја следи ивицата на горната пешачка патека и претставува голема опасност за пешачите, велосипедистите и лицата кои со електрични тротинети се движат на овој потег, особено ноќно време кога видливоста е значително намалена, информираат оттаму.
Порано на ова место постоела лимена ограда но истата веќе подолго време е отстранета.
„Поаѓајќи од начелото на ЦУК, „сејфти фрст” односно, безбедноста на граѓаните на прво место, покажувајќи одговорност и ефикасност при заштита на граѓаните, ЦУК веднаш, во средината на јуни оваа година, испрати известување со барање за отстранување на оваа нескриена опасност до градот Скопје и општина Аеродром која поради ерозијата постепено се зголемува“ информираат од Центарот.
Од страна на градот Скопје итно беа преземени мерки за делумно намалување на опасноста со поставување на знаци за забрането движење и заштитна лента со укажување дека во наредниот период ќе се постави и лимена заштитна ограда.
Воедно градот Скопје не извести дека самата провалија е во надлежност на општина Аеродром.
За жал неколку дена подоцна, несовесни граѓани ја скинале заштитната лента, ги откорнале знаците за опасност и ги фрлиле во провалијата.
Од овие причини ЦУК во уште неколку наврати побара интервенција од страна на градот Скопје, но и по поминати шест месеци од нашето прво известување провалијата се’ уште е необезбедена, порача Ангелов и „апелираше до градот Скопје и општината Аеродром, во согласност со нивните надлежности, итно да постават соодветна заштитна ограда која ќе ја гарантира безбедноста на многубројните граѓани кои од рекреативни причини пешачат, трчаат или возат велосипед или се движат со електрични тротинети“.
„Со огорчување сакам да укажам дека не треба да се чека некој да настрада, да загине или да се повреди а потоа поттикнати од трагедијата да се обезбеди ова опасно место“ порача Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.