Македонија
ЦУК: Пожар кај бензинска пумпa во Скопје, гаснат и мештаните

Денеска попладне, е пријавен пожар на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК на локација кај бензинската пумпа на „Окта“ во село Дељадровце, Скопско. Според првта информаија гори нискостеблеста шума и друга ниска вегетација.
По дојавата на 112 во ЦУК, веднаш е алармирана и е веќе на терен Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје којашто во моментот интервенира за да го локализира и да го изгасне пожарот на отворено, при што и мештаните помагаат со трактори за да го пресечат пожарот на површината кон којашто се движи пламенот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски: Дијаспората е важен мост меѓу државите и чувар на идентитетот и вредностите

Во рамки на работната посета на Женева, Швајцарија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше и се обрати на настан по повод Денот на независноста – 8 Септември, организиран за македонската дијаспора во овој дел на Швајцарија.
Во своето обраќање, Муцунски ја потенцираше суштинската и незаменлива улога на македонската дијаспора во градењето на мостови помеѓу државите, истакнувајќи дека тие се чувар на идентитетот и вредностите на нашата земја, соопшија од неговиот кабинет.
„Изразувам искрена благодарност за сите иницијативи, проекти и активности што произлегуваат од македонската дијаспора во Швајцарија. Како Влада, остануваме посветени на унапредување на врските со Македонците ширум светот – институционално, но и преку конкретни иницијативи“, истакна Муцунски.
Настанот беше можност за директна размена на идеи и мислења со претставници на македонската заедница во Швајцарија, за нивната поголема вклученост во креирањето на политики и за зајакнување на институционалната комуникација со матичната држава.
Македонија
Христовски го демантира Мицкоски дека бил прислушуван, АНБ да ги декласифицира документите, велат од СДСМ

Власта да не бега од вистината, АНБ веднаш да направи декласификација на целата документација поврзана со случајот кој се обиде да го претстави како наводна афера за прислушкување.
Не е точно дека преку судска постапка треба да се декласифицирата документите, тоа е само алиби, параван зад кој се крие вистинската намера на власта, велат од СДСМ.
„Законот е јасен „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Во овој случај тоа е АНБ и треба да се направи веднаш.
Не може да се фрлаат обвинувања во јавноста без ниту еден доказ, без факти. Ваквото однесување ја поткопува довербата во тоа што го кажува власта, фрла сериозни сомнежи за намерна манипулација опасна игра на ВМРО-ДПМНЕ.
Како тоа премиерот Мицкоски тврди дека наводно бил прислушуван а директорот на АНБ Христовски да кажува друго, дека станува збор за прибирање информации за таргетирани лица. Некој тука лаже свесно“.
Според СДСМ, само преку декласификација јавноста ќе ја увиди реалноста, дали и кој правел злоупотреби. Како што велат од партијата, ако не се направи декласификација, власта ќе потврди дека целиот случај е креиран заради политички мотиви и злоупотреба на агенцијата во партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Македонското знаме во центар на сцената: Златен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика што се одржува во Шумен, Бугарија

На 9-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), која од 29-ти август до 4-ти септември се одржува во Шумен, Бугарија, младите македонски ученици – информатичари постигнаа огромен успех: по втор пат во историјата на ова натпреварување македонскиот тим освојува златен медал, но овој пат надополнет и со еден бронзен медал.
Златниот медал за Македонија на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Владимир Грчев од Кочани, а бронзениот медал го освои Марко Кренков од Струмица.
Членови на македонскиот тим беа уште и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје. Тимот беше раководен од лидерите, Иван Занов и
Петар Ковачовски, студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Учениците кои ја претставуваа Македонија на олимпијадата беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 36-ти пат.
Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и неколку општествено одговорни компании.
Официјален домаќин на ЕЈОИ 2025 е Република Бугарија, а главен организатор на настанот е Министерството за образование и наука на Бугарија.
Основната цел на овој значаен и престижен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај учениците од помлада возраст (до 15,5 години) низ цела Европа, како и да им овозможи на најталентираните млади учесници да ги демонстрираат своите знаења и вештини во оваа област, а поконкретно во програмирањето. На олимпијадата учествуваат вкупно 96 ученици од 22 европски земји, како и две неевропски земји-гости на олимпијадата (Саудиска Арабија и Киргистан).
Според изјавата на претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов: „Неописливо е чувството кога ученик од Македонија е на сцената меѓу ученици од Полска и Украина, а пред сите останата ученици од останатите 22 земји како Франција, Бугарија, Романија, Хрватска, Унгарија… Огромниот успех на нашиот тим, со освоените медали во ваква силна конкуренција, претставува уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко. Постигнатиот резултат е исклучителен показател за квалитетот на подготовката, посветеноста и талентот на нашите ученици, како и за континуираната поддршка која Здружението на информатичарите на Македонија ја дава на учениците преку своите редовни активности. Како пример, непосредно пред олимпијадава со поддршка на општина Кочани и „Бистри умови“ како наша партнерска организација организиравме редовен камп за подготовки на учениците на Пониква. Им честитам на учениците, на сите ментори и волонтери во ЗИМ и на целата држава, за постигнатиот успех.“
Следната, 10-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2026) треба да се одржи идната година во Турција. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025), која ќе се одржи од 25-ти септември до 1-ви октомври во Удине, Италија.