Македонија
Чавков и пратениците следната недела на суд за крвавиот четврток

Следната недела, на 22 август, обвинетите за настаните во Собранието на крвавиот четврток повторно седнуваат на обвинителна клупа. Меѓу нив има и пратеници и граѓански активисти.
За овој предмет на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција обвинети се 30 лица, меѓу кои ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, и пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои според обвинението се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Судот претходно соопшти дека насрочени се 37 термини за главна расправа за што веќе се изготвуваат наредби за спровод за обвинетите што се наоѓаат во куќен притвор, како и покани за другите странки во предметот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски на средба со пакистанскиот амбасадор, Модсар Чаудари

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес оствари работна средба со пакистанскиот амбасадор со седиште во Софија, чија надлежност ја покрива и Македонија, Н.Е. Модсар Чаудари.
Оваа средба беше искористена за продолжување на разговорите за интензивирање на соработката во полето на безбедноста отпочнати за време на претходната средба со пакистанскиот министер за внатрешни работи, Сајед Мохсин Раза Накви.
„Амбасадорот Чаудари уште еднаш ја потврди волјата на Министерството за внатрешни работи на Пакистан за потпишување на договор за реадмисија со македонското Министерство за внатрешни работи, што би било особено корисно за нас во борбата против нелегалната миграција како земја низ која транзитираат нелегални мигранти со пакистанско потекло. Воедно, се осврнавме и на постапката за потпишување на договор за полициска соработка, кој, меѓу другото, би опфаќал и соработка која би се реализирала преку Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи“, потенцираше министерот Тошковски.
Двете земји и покрај географската оддалеченост имаат заедничка цел – обезбедување на безбедна средина за живот на своите граѓани со почитување на нивните права и во таа насока двете страни изразија подготвеност и подготвеност и желба за интензивирање на соработката.
Македонија
Андоновски: Со измените на Законот за електронски комуникации го спречуваме нелегалното приредување на Онлајн игрите на среќа

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на денешната 34. седница на Собранието, се обрати пред пратениците каде што ги презентираше предлог измените на Законот за електронски комуникации со кој се забранува нелегалното приредување на Онлајн игрите на среќа.
„Се соочуваме со една драматично влошена состојба во поглед на игрите на среќа, кој што за жал е во подем и во нашата држава, но и во регионот, најголем број од младите, тинејџерите се зафатени од оваа пандемија особено од нелегалните игри на среќа кои што се организираат преку нелегални онлајн платформи. Измените на законот ќе ни дозволат како институции да го спречиме ова нелегално приредување на онлајн игрите на среќа, кое претставува опасност од крадење на лични податоци како и злоупотреба на платежните картички на граѓаните бидејќи врз овие провајдери нема никаква контрола“, изјави во своето обраќање Андоновски.
Тој го објасни начинот со кој овие измени ќе им овозможат на институциите да се справат со ваквите нелегални појави.
„Измените на овој закон ќе ни овозможат како министерство во соработка со Министерството за финансии и АЕК да се справуваме со овие прашања, на начин што по добиено известување од државниот приредувач на игри на среќа за оние провајдери кои што немаат добиено соодветна лиценца и верификација на истата од страна на Министерството за финансии на кои ентитети се издадени лиценци, Министерството за дигитална трансформација ќе испрати налог до АЕК за прекинување на правото на пристап до овие веб страници на оние граѓани од Република Македонија кои што сакаат да пристапат до овие веб страници, а во втората фаза овој закон ни дозволува и можност за прекршочни одредби“, појасни министерот Андоновски.
Министерот своето излагање го заврши со зборовите дека очекува поддршката од сите пратеници и пратенички групи бидејќи оваа битка не е само на владата туку на целото општество против една пандемија која ни се случува во последниве години.
Македонија
СДСМ: Скандалозно е што Мицкоски го штити Изет Меџити при јасни докази

Скандалозно и истовремено комично е што Мицкоски за „пет минути“ ги проверил доказите кои СДСМ ги достави за Изет Меџити. Повеќе од јасно е дека тој го штити Меџити и се прави слеп на докази кои се јасно потврдени од институциите на државата, реагира СДСМ откако Владата претходно соопшти дека наводите се неточни.
Според СДСМ, со ова јасно се потврдува дека Мицкоски е заложник на Изет Меџити и неговите политики.
„Прво криеше дека Меџити има планирано 3.000 партиски вработувања додека списоците за вработувањата веќе на големо се споделуваат по социјалните мрежи. Сега го крие и штити за скандал и прекршување кое го потврдил со документи Државниот управен инспекторат. Мицкоски, кој тврдеше дека ќе бара одговорност од секој функционер кој се огрешил, денеска по кој знае кој пат си го погази ова ветување. СДСМ му даде шанса да докаже на дело дека се залага за владеење на правото и почитување на процедурите и да побара одговорност од Изет Меџити, но тој реши да го штити. Со што го задолжил Меџити Мицкоски за вака да се брука? При јасни докази наведени од Државниот управен инспекторат Мицкоски се прави слеп“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Како што се додава, непобитен факт докажан од државна институција е дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети надвор од своите надлежности. Повеќе од јасно е, велат социјалдемокртите, дека со ова сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните кои побаруваат дозволи и лиценци од министерството кое го води.
СДСМ бара ДКСК да поведе постапка и ќе ја достави целата документација. СДСМ бара обвинителството да постапи по допрен глас итно и неодложно за скандалот.