Македонија
Честитка од претседателот на Собранието по повод Рамазан Бајрам
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, упати честитка до поглаварот на ИВЗ и до граѓаните од исламска вероисповед по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, посакувајќи им денешниот ден да го поминат во среќа, благосостојба и во хармонија со своите најблиски.
„Верувам дека, по еден месец пост, сите Ваши желби ќе бидат слушнати, а меѓусебната почит, разбирањето, толеранцијата и хуманоста, кои треба да бидат одраз на секој човек, ќе помогнат тие да се исполнат. Верските празници го воздигнуваат човекољубието, така што изминатиов месец покажавме дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важна меѓусебната почит и разбирање, кои нѐ прават сите нас подобри и духовно побогати“, наведува претседателот Митрески во честитката.
Тој нагласува дека во тоа се и убавините на ифтарските вечери, на кои, како што вели, го покажавме меѓусебното разбирање и толеранција, но и споделивме заеднички моменти, кои секогаш ќе останат во нашите срца.
„Почитуван г-дин. Фетаи, Вам ви посакувам добро здравје и волја и мудрост во својата мисија да бидете водач на верниците и да бидете нивна поддршка во сите искушенија со кои се соочуваат. Заедно да ги воздигнуваме вредностите што обединуваат. Празникот Рамазан Бајрам нека донесе мир во срцата, спокој во душите, радост и слога во домовите! Честит Рамазан Бaјрам“, нагласува претседателот Митрески во честитката до Реисул Улема на Исламската верска заедница Шаќир Еф. Фетаи и до граѓаните од исламска вероисповед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата ќе ја одбележи 121 годишнината од смртта на Гоце Делчев
Владата на Република Северна Македонија, на 04.05.2024 година (сабота), ќе ја одбележи 121 годишнината од смртта на Гоце Делчев со положување свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, во црквата „Св.Спас“,Скопје.
По тој повод, во 10:30 часот, свежо цвеќе ќе положи претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, владина делегација предводена од Славјанка Петровска, министерка за одбрана во Владата на Република Северна Македонија, Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање во Владата на Република Северна Македонија.
Македонија
Димитриевски во Тетово: Ја бараме поддршката на граѓаните на претстојните избори за работите во Македонија да не бидат како досега
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска беше во Тетово, каде што со носителот на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 6, Небојша Захариески и останатите кандидати, ја промовираа програмата на Движењето за претстојните парламентарни избори „Проглас за достоинствена Македонија“.
Димитриевски во изјавата за медиумите рече дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се етаблираше како нова политичка сила на македонскиот политички простор токму со поддршката на граѓаните.
„Ја претставуваме програмата и ја бараме поддршката за нашите кандидати за пратеници предводени од господин Небојша Захариески во ИЕ 6. Јас знам дека никогаш повеќе ЗНАМ нема да дозволи нештата во државата да бидат исти. Ќе бидеме коректив на идната власт, но и на идната опозиција. Нашиот број секојдневно се зголемува, а и поддршката од граѓаните е се поголема и верувам дека заедно ќе успееме да ја вратиме државата таму каде што припаѓа, во рацете на граѓаните“.
Тој ги повика граѓаните масовно да ја дадат својата поддршка на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, на носителот на листата во ИЕ 6, Захариески, како и на сите кандидати за пратеници.
Со тоа, рече Димитриевски, граѓаните го даваат својот глас од граѓанин за граѓанин. Ние сме политички субјект кој расте токму со граѓанската поддршка. Продолжуваме понатаму со позитивни промени во државата, со позитивни промени во Македонија.
Носителот на листата во ИЕ 6, Небојша Захариески, рече дека со она што го нудат во програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ сакаат да ги вратат илинденските и асномските темели на државата.
„Сакаме да ја направиме државата самоодржлива, со што ќе биде и самостојна. Сакаме да градиме стабилни меѓуетнички односи, а Тетово е симбол за добар соживот“, рече Захариески.
Тој додаде дека нивна цел е добро владеење, правна држава, како и запирање на клиентелизмот, непотизмот и корупцијата, со што, како што рече, ќе го дадат својот максимум за Македонија.
Македонија
Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска упати честитка до медиумите и медиумските работници по повод Светскиот ден на слободата на медиумите го поздрави растот кој го бележи земјата на согласно извештајот на „Репортери без граници” и позиционирањето на Македонија на 36-то место заедно со останатите развиени европски демократии.
„Денешниот Светски ден на слободата на медиумите го одбележуваме како земја која повторно постигнува раст во медиумската слобода. Ние денес сме на 36-то место и сме најдобро позиционирани во регионот, а и пошироко, согласно извештајот на “Репортери без граници”. Ова е директна потврда дека со СДСМ, Македонија чекори по вистинскиот пат, дека ние сме земја во која се почитуваат демократските и европските вредности.” – посочи Ковачевски во својот пост на социјалните мрежи.
Ковачевски воедно се заблагодари до новинарите и медиумските работници, за нивната посветена работа посочувајќи дека стекнатиот статус беше партнерска и заедничка заложба на СДСМ, граѓаните и медиумите, како и медиумските организации.
„Пред само седум години бевме сведоци дека загорзената слобода на медиумите е вратата кон автократско владеење. Тоа време не смееме да дозволиме да се врати“, истакна Ковачевски.
Додаде дека СДСМ е, секогаш била, е и ќе биде страната на медиумите, на страната на демократијата и го насочи вниманието на важноста на продолжувањето на процесот на евроинтеграции со цел обезбедување подобар квалитет, професионалност и заштита за медиумите и новинарите.
„Единствено со продолжувањето по европскиот пат, ќе се продолжи и подобрувањето на квалитетот, заштитата и професионалноста на медиумите и ќе се продлабочи нашата заедничка борба против дезинформациите”, – порача Ковачевски по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.