Македонија
Четиринаесет тони бои и лакови изгореа во пожарот во Тетово, се испитува колку се загадени почвата и водата

Во пожарот во магацин во тетовското село Фалише изгореа 14 тони бои и лакови и други хемиски средства.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека поголем дел од магацинот бил железарија, а мал дел за бои, лакови и други хемиски препарати.
„Од вчера до денес врне слаб дожд, а во текот на ноќта дувал и слаб северен ветер, кои помогнале ПМ-честиците во воздухот да дојдат во нормални граници поради што немаме загадување на воздухот“, вели Ангелов и додава дека мерките што беа превентивно упатени вчера сега веќе не важат. Граѓаните може да бидат спокојни од аспект на загаденост на воздухот, рече тој.
Во текот на денот ќе бидат земени примероци од почвата и водата заради дополнително испитување.
Претходно денес, министерка за животна средина, Каја Шукова, рече дека ќе има загадување и на почвите и на водите, а спротивно на тврдењата на Ангелов таа изјави и дека евидентно е оти ќе има и загадување на воздухот. Затоа уште вчера, вели Шукова, беше издадена препорака до граѓаните да не излегуваат без потреба, вратите и прозорците на домовите да бидат затворени. Препораката до граѓаните е да внимаваат и во следните неколку дена, рече таа.
Шукова истакна дека доколку во тој крај има земјоделски култури, тие не треба да бидат во употреба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ тврди дека Јанев и Тошковски знаеле сè, а се сомневаат и во уништување на докази

Приведените полициски службеници за трагедијата во Кочани се истите за кои СДСМ со месеци наназад алармираше, објавуваше факти и аргументи во серијалот „Вистината за Кочани“, соопшти денеска партијата, предупредувајќи на сериозни пропусти во истрагата и можноста дека во меѓувреме биле уништени важни докази.
„Јавноста мора да знае колку докази исчезнаа додека Тошковски и Јанев ги штитеа своите полициски кадри. Месеци наназад негираа вина, манипулираа со родителите и создадоа услови истрагата да биде компромитирана. Тоа е недозволиво“, соопшти СДСМ.
Од партијата велат дека уште од првиот ден предупредувале дека полициски службеници имаат директна одговорност за пожарот во кој животот го загубија 62 деца, а над 200 беа повредени, но надлежните институции молчеле сè до јавниот и медиумскиот притисок.
„Да не беше нашата упорност, гласот на родителите и дел од медиумите, ништо од ова немаше да се случи. Затоа бараме итна институционална, политичка и кривична одговорност“, порача СДСМ.
Партијата директно го посочува Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност, како лице кое „ги поставил, штител и им давал наредби“ на приведените полициски службеници.
„Јанев мора веднаш да си поднесе оставка, за да не влијае врз истрагата и расчистувањето на случајот“, наведуваат од СДСМ.
Истото, според нив, важи и за министерот Панче Тошковски кој, како што велат, „тврдеше дека нема вина кај полицијата, додека ги штитеше своите кадри“.
„Христијан Мицкоски пак ја злоупотреби трагедијата за политички напади, свесно лажеше и ги манипулираше родителите, додека вистинските виновници од неговата власт беа заштитени“, обвинуваат од СДСМ.
Партијата завршува со ставот дека „без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски – нема да има правда за Кочани. А без правда, нема мир за родителите, граѓаните и државата“.
Македонија
Денеска топол ден низ цела Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека денеска нѐ очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер, а долж Повардарието повремено ќе дува и засилен северен ветер.
Минималните утрински температури се движат од 8 до 18 степени, додека максималните ќе достигнат од 26 до 33 степени Целзиусови. Метеоролозите најавуваат стабилни услови во текот на целиот ден.
Во Скопје, времето исто така ќе биде сончево и топло. Ќе дува умерен, а во одредени делови од котлината и повремено засилен северен ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од 14 до 31 степен.
„Очекуваме стабилно време и во следните денови, со претежно сончеви периоди и температури кои ќе останат високи за овој период од годината“, велат од УХМР.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на уште осум кандидати за градоначалници

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва во Штип определи уште осум кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да му предложи на Централниот комитет.
1. Македонски Брод – Жарко Ристески.
2. Могила – Драганчо Саботковски
3. Пробиштип – Тони Тоневски
4.Богданци – Марјан Пеев
5. Демир Капија – Наталија Димитриева
6. Росоман – Ѓорги Крстевски
7. Новаци – Стевче Стевановски
8. Дебарца – Златко Силјановски
Пратеникот Антонијо Милошоски по состанокот изјави дека овие 8 кандидати за градоначалници се одговорни, исполнителни личности кои што својата активност ја докажале не само во рамките на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ туку имаат углед и во самите општини. Ним ќе им биде препорачано во следниот период, да си отворат што поголема комуникација со локалните граѓани во општините за да може да поработат директно на терен за составување на програмата која што е потребна за локални избори.
Централниот штаб ќе биде на располагање заедно со еден тим кој што ќе биде формиран за локалните избори, да им помогне за одредени проекти, кој што се од поголемо капитално значење за Македонски брод, Могила, Новаци, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Росоман и Дебарца.
„Цениме дека со овие 8 вечерва објавени кандидати за градоначалници и претходните 25, ВМРО-ДПМНЕ со самодоверба чекори кон локалните избори бидејќи сме единствената партија која што во моментов има обзнането имиња на 33 кандидати за градоначалници за кои што сметаме дека се на добар пат и да ја добијат довербата на граѓаните“, рече Милошоски.
За оние кои што се актуелни градоначалници, партијата смета дека дека со досегашната работа, ќе имаат добар кредит да ја добијат и понатамошната доверба.