Македонија
Чешка донација на нови возила за Одделот за организиран и сериозен криминал при МВР

Чешкиот заменик-министер за внатрешни работи, Јиржи Новачек, на нашиот министер Оливер Спасовски, денеска му ја врачи донацијата на нови возила наменети за Одделот за организиран и сериозен криминал.
Од МВР нагласуваат дека новите возила ќе помогнат за уште подобри резултати на оваа единица.
„Овие возила се набавени по пат на спроведување постапка за јавна набавка на возила, а со наменски добиени средства со донација од страна на Чешка, при што се набавени неколку видови возила за потребните на разни служби во Министерството“, се објаснува во соопштението.
Така, за Одделот за организиран и сериозен криминал се набавени осум возила „шкода октавија“ (дизел) и пет возила „шкода скала“ (бензин), сите со Евро 6-мотор со јачина од 115 коњски сили и потрошувачка помалку од 4 литри гориво на 100 километри, опремени со високо ниво на дополнителна опрема, што гарантира високо ниво на безбедност на службениците што ќе ги користат на разни задачи, посочуваат од МВР, од каде што додаваат и дека возилата ќе бидат во функција од денеска.
Министерот Спасовски и заменик-министерот Новачек потенцираа дека очекуваат одличната соработка да продолжи и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.