Македонија
Членови на ЛДП го пријавиле раководството на партијата за измама, Милевски најави тужба
Членови на ЛДП поднеле кривична пријава против претседателот на партијата Горан Милевски, потпретседателот Игор Вељановски, советничката во Општина Кисела Вода, Марина Чорбеска, и тројца други членови на партиските органи на ЛДП, за измама, злоупотреба на положбата и злоупотреба на лични податоци.
Според образложението во пријавата, станува збор за непочитување на партискиот статут при изборот на кандидат за советник од ЛДП во Општина Кисела Вода на локалните избори во 2017, а подносители на пријавата се двајца членови од општинската организација на ЛДП од Кисела Вода – Горан Путиќ и Ивица Цветковски.
„Од записникот на состанокот од 12.9.2017, Марина Чорбеска од позиција претседател на општинската органзиација на ЛДП во Кисела Вода, со закажување и одржување состанок за избор на кандидат за советник, на кој тенденциозно изнесува невистини, го довела членството во заблуда дека на ЦО на ЛДП е донесен став на претстојните локални избори 2017 година ОО на ЛДП во Кисела Вода да предложи само еден кандидат…“, пишува во пријавата.
Како што објаснуваат подносителите на пријавата, изборот бил потпомогнат и од претседателот на партијата, како и од други членови на раководството.
Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, за „Макфакс“ вели дека не се точни наводите во пријавата. Статутот на партијата е почитуван и мнозинството донело одлука за тоа кој ќе биде кандидат за советник, вели Милевски и додава дека ќе чека да заврши постапката во Јавното обвинителство, а потоа тој ќе поднесе тужба за нарушување на личниот углед, но и на партијата. Според него, станува збор за лично незадоволство на лицата што не успеале да бидат избрани за кандидати за советници, а сега сакаат да ѝ нанесат штета на партијата.
„Тужбата и наративот се само потврда дека партијата донела вистинска одлука за тоа кој може да биде советник на ЛДП. Одлуката е донесена во јасна и транспарентна процедура, во фер и демократска постапка, која треба да им служи како пример на сите на политичката сцена“, вели Милевски.
Претходно, била поднесена претставка до Дирекцијата за заштита на личните податоци, која била отфрлена, а подносителите на пријавата сега чекаат одговор од Управниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

