Македонија
60-годишен планинар добил инфракт и починaл на планинска патека на Кораб, бил во група од 18 членови
Региналниот центар за управување со кризи РЦУК Тетово, извести дека утрово од Полициска станица Стрезимир биле известени дека 60-годишен член на група од 18 планинари добил инфракт, додека се движеле по планинска патека на повисоките делови од Кораб, поточно местото на настанот е на локација на еден километар над ПС Стезимир.
Случајот го пријавил планинар кој дошл до Полицска станица Стрезимир, заради тоа што во таа област немало мобилно телефонско мрежно покривање. Покрената е спасителна акција. Но, за жал и на терен во планината со спасителната група од полицајци и планинари, а потоа и по прегледот од страна на лекарската екипа од Брза помош е констатирано дека планинарот којшто добил инфаркт веќе бил починат.
„ Конкретно, од страна на Полициска станица – Караула Стрезимир било пратено едно возило со двајца полицајци до место каде што патот бил прооден за возило. Потоа, полицајците и групата палнинари продолжиле нагоре пеш за да се сретнат со планинарите, коишто го извлекувале човекот кој добил инфаркт, за да помогнат и надолу да го пренесат до теренското возило, а потоа и до можно место за превоз со медицинско возило, односно да се сретнт со возилото на Брзата помош.
Практично, во меѓувреме била информирана Брзата помош од Гостивар што пратила едно возило, за да се добие во време и да се искористи проодноста на патот до каде може нивното возило да се движи. Но, за жал и при првиот контакт на терен во планината со спасителната група од полицајци и планинари и по прегледот од страна лекарската екипа од Брза помош, со која се пресретнале на патот каде можело нивното возило да се движи, е констатирано дека планинарот којшто добил инфаркт веќе бил починат. Но, за да сето тоа да биде и согласно процедурите за такви случаи, е потребно на место на настанот, покрај присутност и медицинска констатација на доктор од брза помош, да се чека да пристигне и јавен обвинител од Гостивар“ соопштија од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите
Македонија
До крајот на денот претежно облачно, утре со повремен локален дожд во утринските часови, преку денот со сончеви периоди
Времето до крајот на денот ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините на северозапад врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а наместа во источните делови и долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Утре ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.
Македонија
Сали – Памер: Австрија останува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беа разгледани тековните реформски процеси и соработката со австриските партнери.
Во разговорот беше нагласено значењето на континуираната поддршка од Австрија за европската интеграција на Северна Македонија, како и усогласеноста на австриската развојна соработка со националните реформски приоритети.
Сали информираше за тековните активности поврзани со спроведувањето на Реформската агенда и подготовките за отворање на преговарачките кластери, со посебен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и подобрувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошна соработка преку европските инструменти, особено во области поврзани со доброто владеење, животната средина и јакнењето на административните структури.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на партнерството и за подобра координација на развојната помош во насока на поддршка на реформските процеси и европската интеграција на државата.

