Македонија
Чулев апелира до полицајците да постапуваат одговорно за време на изборниот процес

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, оствари работна посета на одделенијата за внатрешни работи во Крива Паланка, Кратово, Пробиштип и Свети Николе.
Во рамки на посетата министерот Чулев оствари работни состаноци со раководствата на четирите одделенија. Обезбедување на парламентарните избори, справувањето со пандемијата од Ковид-19 и борбата против сите форми на криминал беа темите за кои се дискутираше на овие работни средби.
Од страна на раководствата на четирите полициски одделенија Чулев беше информиран дека изминатите неколку изборни циклуси се одржани во мирна атмосфера без позначителни и посериозно инциденти. Од нивна страна беше истакнато дека веќе се подготвени оперативните планови со кои ќе се покриваат изборите. Министерот Чулев апелираше до сите полициските службеници да постапуваат максимално професионално и одговорно.
„Во поглед на европската интеграција на нашата држава, парламентарните избори се важен показател за правецот во кој ќе се движи нашата држава“, потенцираше Чулев. Во таа насока Чулев нагласи дека неопходно е истите да бидат организирани на највисоко ниво и во согласност на законите.
Тој истакна дека постапувањето на полициските службеници, согласно со законите и согласно интерните акти на Министерството за внатрешни работи ќе гарантира фер, мирни и демократски избори, а тоа ќе биде причина граѓаните да излезат и да го исполнат своето избирачко право.
Секој полициски службеник мора да биде на висина на задачата и да постапува професионално, впрочем како што тоа го прават полициските службеници во изминатиот период. Во изминатите неколку месеци во Министерството за внатрешни работи имав можност да се сретнам и да соработувам со исклучителни професионални и чесни луѓе и верувам дека тие ќе направат се овие избори да поминат во најдобар ред, онака како што граѓаните заслужуваат, заклучи Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потребно ли е Ромите да се иселат од Вардариште? – Шукова и Ангелов со спротивставени мислења

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, според кого ромските семејства кои живеат во дивата населба во Вардариште треба да бидат дислоцирани, ако е потребно и силум.
„Изјавата на Ангелов е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“, изјави Шукова.
Ангелов пак возврати дека неговиот став не е навреда, туку грижа за здравјето на граѓаните на Скопје. Тој обвини дека со останувањето на ромските семејства во Вардариште се продолжува со палењето кабли и друг токсичен отпад, што редовно предизвикува пожари и дополнително го загадува воздухот во главниот град.
„Не се согласувам ‘преживувањето’ на неколку десетина семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади скопјани кои секојдневно вдишуваат отрови. За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место“, изјави Ангелов.
Тој потсети и дека граѓански здруженија кои со години алармираат за загадувањето од дивата депонија Вардариште често се соочувале со вербални и физички напади од лица кои живеат во населбата.
Дебатата за тоа дали Ромите треба да се иселат од Вардариште или институциите да најдат друго системско решение останува отворена, но ставовите на Шукова и Ангелов јасно ја покажуваат длабоката поделба околу овој чувствителен проблем.
Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.