Македонија
Чулев бара одговорност од Спасовски за лажните пасоши: „Oставив речиси комплетирана истрага“
Ексминистерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, му порача на актуелниот прв човек на МВР, Оливер Спасовски, да си поднесе оставка по случајот со издавањето лажни пасоши, кои завршиле кај 215 членови на криминални групи.
Чулев вели дека е недозволиво за земја членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ да дозволи со години да биде сериозна логистичка база за најозогласени криминални транснационални картели со активности на сите континенти.
❗️Недозволиво е земја членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ да дозволи со години да биде сериозна логистичка…
Posted by Наќе Чулев on Tuesday, April 6, 2021
На социјалните мрежи Чулев пишува дека наведената истрага била речиси хибернирана во периодот кога стапил на функцијата министер за внатрешни работи, но со целосна посветеност на колегите, и покрај, како што вели, сите опструкции во периодот на техничката влада бил даден максимум за нејзино реактивирање.
„Истрагата беше речиси комплетирана во периодот кога бев министер, но заради задржување професионален однос и несакањето да биде ставена во контекст на парламентарните избори, таа не финишира, односно не беше обелоденета. Која е причината поради која се чекаше недозволиво долг период кога во континуитет се издаваа македонски пасоши исклучиво знае Оливер Спасовски и одговорноста е исклучиво негова. Тој е министерот на кој редовно намерно или ненамерно му се случуваат сериозни пропусти во работењето, што резултира со последици врз меѓународната репутацијата и интегритетот на државата, а што се отсликува и со рапидниот пад на Македонија на листата на земји по степен на корумпираност“, пишува Чулев.
Тој бара од Спасовски да понесе морална и политичка одговорност и да ја препушти функцијата на личност што максимално посветено и чесно ќе ја извршува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За една недела, 4.991 прекршок преку системот „Безбеден град“, најмногу за брзо возење
Во периодот од 02.02.2026 до 08.02.2026 од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.991 прекршок, од кои 641 мерка за сторен прекршок од страна на возачи кои управувале возило со странски регистарски ознаки, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената – 4.674, потоа за минување на црвено светло – 163, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 154 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 288 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 163 се за минување на црвено светло, а 125 се за брзо возење.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 22.434 возила.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
ОЈО ГОКК: Се разменуваат информации со српското обвинителство за да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната
Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство.
Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги.
Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Македонија
Министри и градоначалници на средби со високи претставници на УНЕСКО во Париз, ќе се разговара за статусот на Охрид
Делегација на Владата во состав: заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојува во дводневна работна посета на Париз.
Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.
„На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност“, соопштија од Владата.
Во него се додава дека делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.
Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.

