Македонија
Чулев: Изборите поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера
„Овие парламентарни избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера и се уште еден доказ како за демократската свест на граѓаните така и за капацитетите на институциите, пред сè, на МВР, кое постапуваше крајно одговорно, бескомпромисно и неселективно и во согласност со законските надлежности“, оцени вечерва министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Тој додаде дека на ваков начин МВР претставувало силен гарант за спроведување на граѓанската волја, но, како што рече, и за почитување на словото на Уставот и законите. Притоа, како што рече, биле преземени и мерки за заштита на здравјето на граѓаните, со оглед на тоа што овие избори се одржаа во услови на пандемија предизвикана од коронавирусот.
Тој изрази благодарност до сите вклучени во изборниот процес за тоа што тој поминал во демократска и фер атмосфера.
„Задоволство ми е и што успеавме во исклучително тешки околности да го дадеме својот максимум да ја обезбедиме безбедноста на овие парламентарни избори“, дополни Чулев.
Министерот за внатрешни работи на прес-конференцијата информира и за одредени неправилности и за мерките што биле преземени, како иза постапките што биле поведени.
„Заклучно до 20 часот, на сите осум сектори за внатрешни работи, денеска, од отворањето на гласачките места во 7 часот утрово, вкупно беа евидентирани 151 настан, од кои за 31 настан наводите во пријавите по нив не се потврдени. Констатирани се девет прекршоци“, рече Чулев.
Тој додаде дека за расчистување на настаните, приведени се осум лица, од кои четири за фотографирање гласачко ливче – три лица за сторени прекршоци и едно кај кое било најдено гласачко ливче.
Најмногу прекршоци се пријавени на подрачјето на СВР Струмица – вкупно 38 настани, а по 31 во Скопје и Штип, СВР Битола регистрира 23 настани, СВР Куманово – 14, СВР Тетово – шест и СВР Велес – пет, а најмалку, односно три настани, во Охрид.
Пријавите за настаните во најголем дел се за агитирање, вкупно 75,29 за давање поткуп, испишување графити – шест, нарушување на ЈРМ – пет настани, фотографирање гласачко ливче – шест, седум случаи на попречување гласачи и два настана кои се однесуваат на фотографирање гласачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

