Македонија
(Видео) Чулев: Спасовски последниот ден делел решенија и во 12 навечер
Само во последните две години МВР потрошило над 4 милиони евра за судски постапки од вработени кои тужеле главно за неисплатени прекувремени часови и незаконски прераспределувања, извести денес техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.
За да ја надмине праксата вработените да го тужат МВР, министерот Чулев вели дека формирал комисија која ги разгледала издадените решенија од почетокот на декември навака и најави дека на оштетени ќе им бидат дадени решенија за вработување на соодветни места.
„Еден месец пред заминување Оливер Спасовски издал огромен број решенија за унапредувања, но и за распределувања на пониски работни места без да се водат дисциплински постапки за тоа. Од почетокот на декември 2019 година до 25 месецот биле издадени 21.050 решенија. За само седум работни дена се издадени 1.198 решенија. Се делеле решенија и во дванаесет навечер на трети јануари. Само за споредба, во декември претходната година биле поделени само 194 решенија. Комисијата во која членуваат и преставници од репрезентативниот и од независниот полициски синдикат ги разгледа решенијата што биле поделени од 1 декември до 1 јануари. Разгледани се вкупно 1.750 решенија издадени во овој период. Незаконски издадени се 100 од нив. Голем број решенија биле издадени додека работниците биле на боледување, на платен или на неплатен одмор“, рече министерот Чулев.
Како втор спорен момент, откако ја презел функцијата, министерот Чулев го наведе незаконското користење на наредбите за времено извршување на работни задачи кои место само за еден месец се издавале и по повеќе од една година.
„Додека едните работат со наредба на други работни места, нивните испразнети места биле пополнети со нови луѓе па така на едно работно место се појавуваат по двајца. Вработените за ова се пожалиле и кај Народниот правобранител кој ни укажа дека се утврдени злоупотреби“, рече министерот Чулев.
Третиот спорен момент е со неиздавање нови решенија на вработените во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање.
По формирањето на Агенцијата за национална безбедност, дел од вработените кои не биле преземени таму, не биле ниту прераспределени на нови работни места во министерството туку пет месеци земале плата како да се уште вработени во УБК.
„Пет месеци примале плата како вработени во непостоечки субјект. Јас таква плата не потпишувам. Изготвени се решенија за нивно распределување во МВР“, рече министерот Чулев.
Тој нагласи дека со издадените решенија илјадници професионалци биле деградирани и најави дека откако ја презел функцијата ќе гарантира ист третман за сите, без притисоци оти единствени што требале да чувствуваат притисоци според него се оние кои го кршат законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.

