Македонија
Чуповска-Ристова – Павлин: успешната македонско-словенечка одбранбена соработка ја зацврстува безбедноста на целиот регион
Државната секретарка во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска – Ристова се сретна со државниот секретар во словенечкото Министерство за одбрана, Боштјан Павлин кој престојува во посета на земјава.
Чуповска – Ристова со државниот секретар Павлин разговараше за зацврстување на сојузничката македонско-словенечка соработка во клучните области на одбраната како исполнувањето на НАТО – Целите на способности, развојот на воената индустрија и активностите за прилагодување на одбранбениот сектор на променливата безбедноста средина.
„Словенија е докажан и доверлив партнер и сојузник. Минатата година имавме успешно реализиран план за билатерална соработка, a годинава планираме повеќе од 20 заеднички активности меѓу кои и во делот на кризниот менаџмент и воено наменската индустрија. Исклучително ја цениме вашата подготвеност за пренесување искуство во аквизициските процеси кое е од голема помош за нас како и во делот на зановување на стратешките документи во одбраната“, рече Чуповска-Ристова на средбата.
Таа додаде дека земјава останува посветена на исполнувањето на НАТО – Целите на способности, со што се зацврстува националната, но и регионалната безбедност, додека истовремено се зајакнува и колективната одбрана на Алијансата.
„Убедени сме во потенцијалот за континуиран развој на нашата билатерална соработка“, рече Чуповска-Ристова и додаде дека и двете земји успешно придонесуваат во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на НАТО.
Државниот секретар во словенечкото Министерство за одбрана, Павлин, се заблагодари за средбата и порача дека во Словенија имаме искрен партнер, пријател и сојузник кој ќе продолжи да нè поддржува во развојот на одбранбените способности и капацитети. Во однос на Планот за билатерална соработка за 2026 година, Павлин рече дека по неговото финализирање и потпишување, соработката меѓу нашите две земји уште повеќе ќе добие на динамика, а со тоа и ќе покажеме дека заеднички градиме капацитети за зацврстување на безбедноста на нашите граѓани.
Македонско-словенечката одбранбена соработка датира од 1994 година кога е потпишан Рамковниот договор за соработка меѓу Министерствата за одбрана на двете земји. Билатералната соработка се реализира во повеќе области на одбраната меѓу кои и заедничките вежби и обуки, експертски разговори, соработка во доменот на против-воздушната одбрана, логистиката и јавните набавки, военото разузнавање, НАТО планирачкиот процес и друго.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

