Македонија
Шаховскиот клуб АЛКАЛОИД ќе учествува на Светското екипно шаховско првенство за сениори/ветерани за 2023 година
Шаховската федерација на Македонија направи одличен потег со аплицирање и со добивање на организацијата на Светското сениорско екипно првенство во шах за 2023 година (за ветерани, шахисти и шахистки над 50 и над 65-годишна возраст).
Ова врвно шаховско натпреварување, во заедничка организација на ФИДЕ (Светската шаховска федерација) и на Шаховската федерација на Македонија, ќе се одржи од 18 до 29 септември во х. „Изгрев“ во Струга.
Во согласност со турнирските правила, на Светското екипно првенство за сениори имаат право да учествуваат и репрезентации и шаховски клубови, но предуслов е сите играчи од една екипа да бидат во соодветната возрасна категорија и регистрирани во иста земја. Најуспешниот македонски клуб, Шаховскиот клуб Алкалоид, го пријави своето учество во категоријата на екипи со играчи постари од 50 години, а во екипата се вклучени врвните македонски велемајстори, долгогодишни членови на клубот и државни (сегашни и поранешни) репрезентативци:
§ Трајко Недев – 3-пати државен шампион и освојувач на сребрен медал за поединечен резултат на Европско екипно првенство во 2003 година;
§ Драгољуб Јаќимовиќ – 2-пати државен шампион и освојувач на златен медал за поединечен резултат на Шаховската олимпијада во 2000 година;
§ Звонко Станојоски – 6-пати државен шампион и актуелен државен шампион за 2023 г.;
§ Влатко Богдановски – 7-пати државен шампион;
§ Кирил Георгиев – како нов член на екипата, поранешен светски сениорски брзопотезен шампион и светски јуниорски шампион;
§ Роландо Кутиров – капитен на екипата, 2-пати државен шампион.
Сите тие се шахисти кои дале исклучителен придонес во развојот и во резултатите на македонскиот шах, а во составот на репрезентацијата несебично и посветено ги бранеле боите на нашата држава на многу Шаховски олимпијади и Европски екипни првенства. Истовремено, како долгогодишни членови на екипата на ШК Алкалоид, заедно ги создаваат сите успеси, вкупно 24 шампионски титули за клубот на Екипните првенства на Македонија, од кои последните 10 се во континуитет досега! Дел од играчите беа во составот на ШК Алкалоид во 2016 година кога клубот стана европски клупски првак, како и во 2017 година кога клубот ја освои вицешампионската титула.
Учеството на ова светско екипно првенство е нов мотив и предизвик, како и желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и севкупната спортска јавност повторно и натаму ќе се гордеат!
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

