Македонија
Шахпаска: Министерството за труд со четири мерки за Програмата за економски реформи 2022-2024
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска присуствуваше на министерскиот состанок организиран од Министерство за финансии, на кој се имаше дискусија за предложените реформски мерки во новата Програма за економски реформи 2022-2024.
Програмата на економски реформи е најважен стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и земјите членки на ЕУ. Програмата содржи среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика и детален приказ на структурни реформи, кои треба да придонесат за зголемување на конкурентноста на економијата и креирање работни места, информираат од Министерството за труд.
Подготовката на овој документ на ниво на Влада е координирана од страна на Министерството за финансии и е резултат на интензивна меѓуресорска соработка.
Министерството за труд и социјална политика предлага четири мерки за Програмата за економски реформи 2022-2024 во следните три области: деловно опкружување и намалување на неформалната економија, вработување и пазар на труд и социјална заштита и инклузија.
Мерката во областа „деловно опкружување и намалување на неформалната економија“ гласи: Унапредување на координацијата и напорите за справување со неформалната економија.
„Идејата е да се рефлектира поширокиот опфат на оваа мерка во делот на нови реформски и други активности за подобро справување и намалување на неформалната економија. Тоа би се овозможило преку дополнителни активности, како воведување систем на идентификациски картички за вработени во секторите каде што е присутна појавата на непријавена работа, дизајнирање предлог-модели за намалување на непријавената работа кај сезонските работници, спроведување информативна и едукативна кампања за непријавената работа и негативните ефекти за работниците и општеството во целина“, рече Шахпаска.
Во областа „вработување и пазар на трудот“, Министерството за труд и социјална политика предлага нова мерка „зголемување на флексибилноста на пазарот на труд и проширување на опфатот со активни мерки за вработување“. Предложената мерка има цел да придонесе кон подобрување на состојбите во делот на пазарот на труд и вработеноста во Република Северна Македонија. Во оваа област спаѓа и мерката за финансиска поддршка на претприемачи Роми. Оваа мерка се однесува на проектот за „финансиска поддршка за развој на претприемаштвото кај припадници на ромската заедница со мечинг-фонд“, кој е заеднички проект на Владата на Република Северна Македонија и Иницијативата за развој на ромско претприемаштво – РЕДИ.
Третата област во која МТСП предлага мерка е „социјалната заштита и инклузија“. Предложена мерката гласи „зајакнување на системот за социјална инклузија на ранливи категории лица“ и опфаќа две компоненти: активација на лица од ранливи категории на пазарот на труд и подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги.
На министерскиот состанок се формираа заеднички заклучоци, кои ќе се земат предвид при подготовката на новата програма за економски реформи 2022-2024.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.

