Македонија
Шахпаска: Отворени две куќи за живеење со поддршка во Демир Капија
Како дел од процесот за деинституционализација, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, присуствуваше на отворањето на две куќи наменети за живеење со поддршка во Демир Капија.
„Денеска, во Демир Капија го воспоставуваме живеењето со поддршка, односно отвораме две станбени единици, во кои ќе бидат сместени довчерашни девет станари на Специјалниот завод ‘Демир Капија’“, рече Шахпаска. На настанот присуствуваа и Никола Бертолини, шеф на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, и градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров.
Шахпаска истакна дека процесот на деинститутионализација продолжува до исполнување на целта – ниту едно лице да не остане во установите за социјална заштита.
Таа потенцира дека негувателите и стручните лица што ќе работат со корисниците ќе може да применат индивидуален пристап, да изградат однос со секој од нив, да ги разберат нивните потреби, но и да ги идентификуваат и зајакнат јаките страни и потенцијалите на корисниците, односно дека тие ќе работат во значително подобри услови и ќе може да му се посветат на својот професионален развој, со цел унапредување на квалитетот на услугата.
„Со процесот на деинституционализација овозможивме да нема ниту едно дете под 18 години сместено во резиденцијална установа. Од првичната бројка од 480 корисници во овие установи, стигнавме до бројка помала од 250 корисници. Со поддршка на Европската Унија и заедно со граѓанскиот сектор градиме мостови на доверба во грижата за најранливите категории граѓани“, рече министерката.
За претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Никола Бертолини, овој нов модел на независно живеење е модел на најдобрите практики за адресирање на потребите на лицата со попреченост.
„Единиците за независно живеење се јасен пример кој покажува дека потребите на лицата со попреченост не се посебни и дека ним не им се потребни посебни третмани во институциите, нивната единствена потреба е да бидат третирани рамноправно. Нашите општества мора да научат да се борат против дискриминацијата и да ја гледаат различноста како позитивен елемент за признание и почит. ЕУ постојано ѝ помага на Владата за јакнење на капацитетите на институциите и на јавните политики, подобрување на пристапноста на институциите и вработувањето и обезбедува системска поддршка на процесот на деинституционализација, сѐ со цел лицата со попреченост да се вклучат во општеството“, порача шефот на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

