Македонија
Шахпаска: Со новиот закон прекинот на бременоста ќе се прави без административни процедури

Повеќе нема да има административни процедури: комисии, пристрасно советување и три дена чекање за прекин на бременоста, образложи пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска, говорејќи за законот за прекин на бременоста кој наскоро ќе влезе во собраниска процедура.
Таа на прес-конференција апелираше до сите пратеници заеднички да го поддржат законот во интерес на жените и нивното здравје.
„Правото на жената за прекин на бременоста е неприкосновено. Жената сама, свесно носи одлука за раѓањето и бројот на деца. Прекинот на бременост мора да е е безбеден, во услови и на начин согласно медицината базирана на докази и од страна на стручни лица“, рече Шахпаска.
Додаде дека прекинот на бременоста ќе се прави и на примано ниво на здравствена заштита во услови и на начин предвидени со закон.
„Прекинот на бременоста ќе се прави по барање и дадена согласност на жената до 12 седмица, а во одредени случаи и до 22 седмица. Жената ќе знае како се изведува, колку и какви последици носи интервенцијата. Животот на жената е пред се“, дополни Шахпаска.
Таа оцени дека законот што го донела претходната власт го отежнува пристапот до безбеден абортус, го ограничува правото на избор, а ги стигматизира и осудува жените. Рече дека со новиот закон се гарантирани достоинството, приватноста, информираноста и доверливоста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.
Македонија
Мицкоски: Работењето на Владата даваат резултати, имаме нови 10 илјади работни места

Нашата економија во вториот квартал забележа реален раст од 3,4 проценти и е меѓу петте земји во Европа по раст на БДП, мерките и работењето на Владата даваат резултати, истакна денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
-Првиот е фактот што во вториот квартал нашата економија забележа реален раст од 3,4 проценти и веќе втор квартал сме во петте земји во Европа по најголема ставка на раст на Бруто домашниот производ. Ако минатиот, првиот квартал бевме на четвртото место, сега го делиме третото место со хрватска. Пред нас се Ирска и Кипар со 3,6 проценти, рече Мицкоски на пуштањето вo употреба на дел од автопатот Кичево – Охрид.
Премиерот потенцира дека мерките и работењето на Владата даваат резултати кои, како што посочи, во изминатиов период генерирале нови 10 илјади работни места.
-Мерките на Владата и активната работа која ја правиме изминатиов период генерира нови 10 илјади работни места, односно ако се спореди бројот на вработени во вториот квартал во 2024 година од нешто повеќе 691 илјада со бројот на вработени во вториот квартал во 2025 година нешто повеќе од 701 илјада, тоа значи дека за една година имаме креирано 10 илјади нови работни места. Имаме намалено нешто повеќе од 7 илјади невработени, кога ќе се споредат овие два квартали. Можеби тие бројки се само бројки на хартија, но тие бројки се дел од реалниот живот, тоа се семејства, тоа се луѓе, тоа се вистини. Оваа Влада има за цел да го направи животот на нашите граѓани подобар и да го направи поуспешен, рече тој.
Третиот параметар, како што нагласи Мицкоски, е фактот дека изминативе седум месеци од оваа година, од јануари до јули, извозот растел побргу отколку увозот. Потенцира дека тоа е редок пример.
-Ако ја гледаме наназад 15 години македонската економија кога во толку долг период имаме поголемо извозно ориентирање на државата отколку увозно ориентирање. Што значи, се намалува трговскиот дефицит. Што значи, повеќе девизи, повеќе пари остануваат во македонските компании и во рацете на македонските граѓани, што претставува и наша цел и наша задача како Влада, рче тој.
Мицкоски истакна дека и во изборната кампања лани ветиле посветена и чесна работа, а не чуда и невозможни работи.
-Знам дека инстант резултати се невозможни. Тоа го зборувавме и во кампањата. Ние не сме чудотворци. Чуда се невозможни. Но, ветувавме многу посветена чесна работа, а тоа е тоа што го правиме изминативе 15 месеци – многу посветена и чесна работа. Јас ви давам збор дека така ќе продолжиме – секој ден да се бориме за секој еден проект, за секоја нова инвестиција, за секоја една човечка судбина да им помогнеме и животот да и биде подостоинствен. Ова е нашата визија – Македонија на дела, а не на изговори. Ова е доказ дека можеме да го оставиме зад себе периодот на застој и да го отвориме патот кон развојот. Ќе продолжиме вака – да градиме, да завршуваме започнати работи и да почнуваме нови перспективи за секој регион и за секој граѓанин, нагласи премиерот Мицкоски.