Македонија
Шаќири: Во Долно Блаце градиме училиште, од септември децата повеќе нема да учат во соседно Косово
Од септември годинава децата на училишна возраст од селото Долно Блаце во општина Чучер Сандево повеќе нема да посетуваат настава во друга држава, односно во погранично место во Косово каде што им е најблиското училиште, туку ќе учат во објект во нивното родно место кој сега го градиме и активностите се речиси завршени. Со оваа инвестиција ставаме крај на еден апсурд и на една неправда за наши ученици на кои државата треба да им обезбеди услови за настава, а не да ги принудува да учат надвор од нејзините граници.
Ова го изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на денешната посета на населбата Барди во Долно Блаце каде што со буџет од 4,7 милиони денари, Министерството за образование и наука гради подрачен објект на основното училиште „Михал Грамено“.
![]()
Новиот објект со работа ќе почне од идната учебна 2022-2023 година и ќе значи решение на проблемите со кои се соочуваат децата од ова населено место кои со години посетуваат настава во училиште кое се наоѓа од другата страна на границата со Косово, поточно во н.м. Хани Елези.
„Активностите привршуваат. Имаме договор со изведувачот на градежните работи според кој до крајот на овој месец, објектот ќе биде целосно изграден, а потоа ќе пристапиме кон внатрешното опремување. Од септември, дечињата од Барди ќе се радуваат на новите простории и на тоа што нема повеќе да патуваат преку граница, а родителите ќе бидат многу поспокојни“, рече Шаќири, кој беше во придружба на градоначалникот на општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ.
Изградбата на училишниот објект како соодветно решение за овој долгогодишен проблем, започна кон крајот на 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се обновува, го рециклира моделот на Заев
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на последните кадровски решенија во СДСМ, оценувајќи дека наместо најавена обнова, партијата продолжува со, како што велат, рециклирање на стари кадри и политики од времето на Зоран Заев.
Според владејачката партија, изборот на Александар Наумоски и Драган Крајовски за членови на Извршниот одбор на СДСМ покажува дека станува збор за свесна одлука да се задржи истиот модел на функционирање, а не за вистинско кадровско освежување.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Александар Наумоски, како поранешен градоначалник на општина Ѓорче Петров, зад себе оставил бројни нерешени проблеми, меѓу кои недостиг на вода, недоволен број места во градинките и депонија што со години претставувала сериозен проблем за граѓаните. Во исто време, како што се наведува, уште на почетокот на мандатот си ја зголемил градоначалничката плата и во последните шест месеци се обидел да протурка 25 урбанистички планови со брзина каква што, според партијата, не покажал кога станувало збор за јавниот интерес.
Во реакцијата се спомнуваат и наводни тендерски шеми поврзани со неговиот мандат, меѓу кои и набавка на две машини за перење за градинка по цена од 25.500 евра, од фирма која, според ВМРО-ДПМНЕ, редовно добивала јавни набавки.
За Драган Крајовски, кој претходно беше директор на затворот „Црн мост“ во Битола, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека неговото раководење било обележано со молк за сериозни инциденти и неправилности. Како примери се посочуваат пожар во ќелија во кој бил повреден затвореник, користење европски средства за реновирање на објект што почнал да се распаѓа по две години, како и наводна злоупотреба на службени возила за приватни патувања.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, овие кадровски решенија ги претставува како „реформски капацитет“, со што, како што велат, се потценува јавноста и се испраќа порака дека партијата нема намера да се дистанцира од влијанието на поранешното раководство.
„Изборот на овие старо-нови лица е јасен доказ дека во СДСМ ништо суштински не е променето“, се вели во соопштението.
Македонија
Скопје меѓу најзагадените во Европа, СДСМ обвинува за погрешни приоритети на власта
СДСМ обвини дека власта нема средства за мерки против загадениот воздух, иако Скопје, како што наведуваат, е втор најзагаден град во Европа, додека истовремено се трошат милиони евра на, како што тврдат, наместени и криминални тендери.
Од опозициската партија посочуваат дека граѓаните на Скопје секојдневно се изложени на сериозни здравствени ризици поради загадениот воздух, особено децата, младите, хронично болните и повозрасните лица, но дека ова прашање не е приоритет за актуелната власт.
„Иако Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа, власта тврди дека нема пари за мерки и политики за подобрување на квалитетот на воздухот. Пари, според нив, има само за криминални и наместени тендери“, се вели во соопштението.
СДСМ се повикува и на наводи изнесени од Антикорупциската комисија (АКТ), според кои преку корупциски систем милиони евра од јавните средства завршувале кај фирми блиски до власта. Како пример, се наведува дека една фирма добила 161 тендер, додека друга, со само двајца вработени, инкасирала девет милиони евра за една година.
Според СДСМ, ваквите практики покажуваат дека приоритет на власта на ВМРО-ДПМНЕ не е здравјето на граѓаните, туку коруптивни зделки.
„Корупцијата навлегува во секој сегмент на општеството, а последиците се сериозни и директно влијаат врз здравјето на граѓаните“, наведуваат од партијата, додавајќи дека е неопходно да се стави крај на, како што велат, криминалот и грабежот и јавните пари да се насочат кон реалните потреби на граѓаните.

