Македонија
Шаќири: Компаниите клучни во спроведување на дуалното образование
Интересот кај бизнис-секторот да учествува во спроведувањето на образовниот процес во средните стручни училишта постојано се зголемува и тоа особено ме радува бидејќи заедничкиот пристап гарантира успех и сигурно постигнување на целта – да создадеме што поквалитетни ученички генерации. Менторите од компаниите многу им помагаат на наставниците во стручната подготовка на младите и ја подигнуваат нивната спремност за брз и успешен настап на пазарот на трудот. Така се намалува невработеноста, а тоа е општествен интерес и врвен приоритет на државата.
Ова го изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, по средбите во општините Охрид и Струга, со градоначалниците и претставниците на локалните самоуправи, бизнис-секторот и претставници на средните стручни училишта, а кои се организираат како дел од дијалотот „Учи паметно, работи стручно“, во насока на креирање на уписната политика за учебната 2022 – 2023 година.
„Денеска, во Охрид и Струга го продолживме дијалогот со кој МОН втора година по ред го унапредува средното стучно образование и ги креира уписните политики. Со компаниите, општините и училиштата дискутиравме за утврдување на потребите од одредени стручни кадри во овој регион и воведување соодветни стручни профили во средните училишта, кои заедно со низа други мерки и стимулации, како доделување стипендии, гарантирано работно место по дипломирање и слично, би ги привлекле младите да се запишат и стручно да се образоваат“, рече Шаќири.
Радува фактот што, како што рече министерот, интересот на компаниите да се вклучат во овој процес е огромен.
„Тоа ни го потврди и прашалникот што го спроведе МОН пред да го почне дијалогот оваа година, кој го одговорија околу 400 компании. Дури 90 % од овие комапнии се изјаснија дека се подготвени да се вклучат во дуалното образование, односно да примаат ученици на пракаса во учебната 2022/2023 година. Така што, бизнис-заедницата е клучна во спроведувањето на концептот на дуално образование и драго ми е што сакаат да учествуваат во тоа“, истакна Шаќири.
Министерот уште еднаш посочи дека во учебната 2021/2022 година, како резултат токму на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“, од вкупно 10.683 ученици запишани во средно стручно образование, 1.400 ученици го избрале дуалното образование. Бројот на дуални паралелки беше зголемен од 11 на 97 со вклучени над 200 компании. Информира дека помеѓу најбараните струки се машинската, електротехничката, хемиско-технолошката, економско-правната, трговската и шумарско-дрвопреработувачкта.
„Нашите очекувања се дека за следната учебна година ќе имаме уште поголем број компании што ќе учествуваат во дуалното образование. Убеден сум дека овој процес ќе вроди со плод и за 2022/2023 година заедно со стопанските комори, локалните самоуправи и средните училишта ќе ги отвориме побаруваните струки во секој регион“, изјави министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

