Македонија
Шаќири на средба со СОНК: Враќањето на учениците во училишните клупи е приоритет
„Одлуката на СОНК за организирање генерален штрајк во образованието не само што не го надминува предизвикот, туку напротив, создава повеќе дополнителни проблеми. Затоа, апелирам до вас како раководство на синдикатот да ја промените политиката на изразување незадоволство на ваков начин и да му дадете можност на социјалниот дијалог. И вие како синдикална организација и ние како институции знаеме дека тоа е најдобрата опција за надминување на секоја ситуација во која постојат несогласувања“.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на денешниот состанок со претседателот на СОНК , Јаким Неделков, на кој се разговараше на повеќе теми поврзани со образовниот систем во државата.
„Непримањето на деца во училиштата и неспроведување настава влијае на социјализацијата на учениците и создава празнини во знаењата кои понатаму потешко се пополнуваат. Тие и така веќе изгубија голем дел од наставата, учејќи во вонредни околности и услови на пандемија повеќе од година и половина. Повисоки плати за наставниците ќе има, на тоа работиме и ќе го одржиме ветениот збор, како што тоа го направивме и во три наврати во изминатите години, зголемувајќи ги личните примања на вработените во училиштата за над 21%. Но, во меѓувреме заеднички приоритет мора да биде враќањето на учениците таму каде што им е местото“, рече Шаќири.
Министерот рече дека секој нереализиран наставен ден поради штрајкот, значи продолжување на наставната година по 9 јуни, имајќи предвид дека законските прописи не дозволуваат намалување на наставните програми во вакви околности. Поради тоа распустот на учениците мора да биде одложен соодветно на бројот на неодработени денови, а согласно измените кои ќе бидат направени на Календарот за организација на учебната 2021/2022 година.
„Ситуацијата би предизвикала и пролонгирање на сите претходно утврдени рокови за полагање на училишна матура, за уписи во средни училишта, но и во високообразовните установи во земјата и во странство. Исто така, неработењето на училиштата го оневозможува правото на околу 500 наставници да полагаат стручен испит како основа за понатамошно вработување на неопределено работно време“, нагласи министерот.
МОН целосно го почитува синдикалното право на штрајк и во ниту еден момент не го попречи неговото спроведување. Но, загрижува формата и времето во кое тоа се применува. Сепак, како што посочи министерот, подготвени сме да го продолжиме дијалогот, но без условувања и нереални барања, кои само ги отежнуваат преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

