Македонија
Шаќири: Реформата на државната администрација и дигитализацијата се главните приоритети на Владата
Годишниот политички дијалог, кој се одржа онлајн, под покровителство на Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), ги собра министрите за јавна администрација од регионот заедно со највисоките претставници на Европската комисија за Западен Балкан, заеднички да ги анализираат постигнатите резултати, како и предизвиците на регионот поврзани со реформските процеси.
Во својот говор министерот Јетон Шаќири рече: „Реформата на државната администрација и дигитализацијата се главните приоритети на Владата на РСМ и Министерството за информатичко општество и администрација за овој мандат. Целта на овој ИПА-проект е оптимизирање на целокупната институционална рамка, подобрување на испораката на јавни услуги и зајакнување на етиката, интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација, меѓу другото, преку имплементација на функционална анализа и донесување нов закон за органите на државната управа. По разгледувањето на коментарите и предлозите од отворената дебата одржана пред извесно време, ќе бидеме подготвени да го унапредиме овој важен проект во завршна фаза. Вреди да се спомене фактот дека со помош на СИГМА успеавме да подготвиме три важни закони, и тоа: Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници и Законот за високите раководни структури“.
Во врска со процесот на дигитализација во земјата, тој додаде: „Ние сме решени да го однесеме овој процес напред. Ќе воведеме нови мерки за да им помогнеме на компаниите во овој сектор, да ги охрабриме студентите да студираат во овој сектор. Ќе инвестираме и во подобрување на дигиталната инфраструктура во земјата и со формирање дигитална агенција ќе дадеме голем поттик за процесот на дигитализација. Исто така, треба да се спомене системот за управување со документи како многу важна компонента во меѓуинституционалната комуникација, преку која имаме цел информациите да поминат многу бргу од институција во институција и документите да се обработуваат за многу кратко време“.
Овој настан беше можност за ReSPA да ја претстави студијата „Поддршка на ЕУ за јавна администрација преку ИПА 2: Рефлексија и научени лекции“, која вклучуваше разни модели на поддршка од ИПА 2, меѓу другото, и поддршка на важен директен буџет на активности поврзани со реформите во јавната администрација и научени лекции, кои ќе бидат релевантни за следната генерација ИПА 3 (2021-2027). Поточно, со програмата за работа приспособена на заклучоците од оваа студија, ReSPA во следниот период дополнително ќе ги поддржи јавните администрации во регионот, со цел да бидат што е можно посоодветно подготвени во врска со користењето на средствата во рамките на ИПА 3-програмата за поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

