Македонија
Шаќири: Од септември ќе бидат ангажирани над 800 образовни асистенти за помош на учениците со посебни потреби во основните училишта
Повеќе од 800 образовни асистенти ќе бидат ангажирани во основните училишта во новата учебна година за да им помагаат на учениците со посебни образовни потреби полесно да ги совладуваат наставната материја и училишните обврски. Тоа значи дека поддршката кон овие ученици постојано расте. Образовната асистенција и натаму е обврска на државата, односно не е финансиски товар на семејствата на учениците.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, по средбата со директорките на двете скопски основни училишта со ресурсни центри „Златан Сремец“ и „Иднина“, Марија Делетиќ и Лорета Андреевска, на која се дискутира за подготвителните активности што во моментот се спроведуваат и ќе следуваат за успешен почеток на новата учебна година за сите ученици со попреченост.
„Образовната асистенција почна со ангажирање 500 стручни лица во основното образование пред 2 години. Изминатата учебна година имавме 720, а од следната бројката ќе биде уште поголема. Целосно ќе го обезбедиме буџетот за нивно ангажирање и родителите, односно старателите на учениците со попреченост нема да имаат никакви финансиски издатоци по овој основ“, рече Шаќири.
Тој информира дека во постапка на изработка е нов закон за средно образование и дека во него се предвидува ангажирање образовни асистенти и во средните училишта, кои досега се вклучуваа преку програма за општинско-корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер.
Улогата на образовните асистенти се разликува од ученик до ученик и зависи од процената по МКФ (меѓународна класификација на функционирање), дадените препораки, индивидуалниот образовен план за работа со ученикот со посебни потреби, од паралелката и училиштето. Работните задачи на образовниот асистент се уредени со правилник за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи на образовниот и личниот асистент, а обуките за нив ги организираат основните училишта со ресурсни центри, каде што воедно и тие се вработуваат.
Инаку, во основните општински училишта во земјата се вклучени речиси 2.000 ученици со посебни образовни потреби, а во средните се инклудирани 300 ученици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

