Македонија
Швајцарија дозволува движење со старите пасоши, а Босна не ги признава ниту старите лични карти, рече Османи
Државите самите одлучуваат како ќе се однесуваат во однос на валидноста на македонските пасоши, појасни министерот Бујар Османи.
Одговарајќи на новинарски прашања, Османи изјави дека Швајцарија досега формално се изјаснила дека дозволува движење со македонските пасоши, додека Босна и Херцеговина испратила допис дека на нејзината територија повеќе нема да бидат валидни пасошите и личните карти со старото име на државата.
„Воглавно граѓаните немаат поголеми пречки во однос на враќањето дома. Се организиравме во конзуларните претставништва, овозможивме бесплатни патни листови. Им излегуваме во пресрет. Во многу држави не бараат патни листови, но јас немам добиено нота од државите како се однесуваат во однос на старите пасоши, не можам официјално да ги известам граѓаните. Повеќето од државите овозможуваат движење со старите пасоши, доколку рокот е валиден“, рече Османи.
Тој, сепак, апелира до граѓаните кои патуваат со автомобил бидејќи минуваат низ неколку држави да не ризикуваат и себе да го носат патниот лист.
Османи зборуваше и за проблемот зошто граѓаните кои ќе допатуваат во земјава од странство, не можат да се вратат назад со пасошите со Република Македонија, велејќи дека нашиот закон не го дозволува тоа. Според него, сите обиди да се прави јавен притисок за продолжување на рокот на пасошите е нечесен. Според Османи треба да се најде начин да се издаваат повеќе пасоши, а не да се менува закон за да се патува со старите.
„Член 118 од нашиот Устав вели дека меѓународните договори коишто се ратификувани во парламентот се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не можат да се сменат со закон. Преспанскиот договор е на сила и го почитуваме и имплементираме. Можеме да седнеме да направиме планови и да им излеземе на граѓаните во насока на тоа да издаваме повеќе пасоши“, вели министерот порачувајќи до МВР да работи повеќе со фирмата која доставува обрасци и да се направи целосна организација на државно ниво.
Министерот додаде дека најлесно е да се повикаме на одложување на роковите и прекршување на Преспа, но смета дека без согласност со Грција тоа не смееме да го правиме“.
Претходно денес, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на ТВ Сител изјави дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓаните на Македонија патуваат со пасоши со старото уставно име.
Според Османи, станува збор за лоша интерпретација на министерот за внатрешни работи.
„Тоа е лошо интерпретирање. Ставот на Европската комисија е дека Комисијата не носи одлука којашто важи за целата Европска Унија, туку тоа е суверено прашање на секоја од државите“, изјави Османи.
Османи очекува дека за 2 месеца ќе спласне притисокот за издавање на патните исправи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

