Македонија
Шведската амбасада го одбележи празникот Санта Луција
Традиционалниот шведски празник Санта Луција во Шведска се одбележува во чест на светлината во темните и долги зимски ноќи, а Амбасадата на Шведска вчера го прослави во Скопје со богат концерт на празнични песни и шведски кулинарски специјалитети.
Новата зграда на Македонската филхармонија беше местото каде повеќе од шестотини гости беа пречекани со мирис на глог – варено вино со бадеми и суво грозје и колачиња со шафран и ѓумбир на прославата на оваа уникатно шведска традиција – своевиден фестивал на светлината и топлината кога скандинавските ноќи се најтемни, а зимата најладна.
Музичката програма на свечениот концерт беше исполнета со божиќни песни, традиционални шведски песни за Луција, како и класични композиции. Настапија женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ под диригентската палка на Летка Димовска – Полизова. На сцената им се придружија Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ Миловановиќ, колоратурни сопрани кои се оперски солисти, придружени од Иван Еминовиќ на пијано и камерниот состав „Пламенка Трајковска“. Свечено звучеа музичките изведби на Ave Marija , Soli Deo Gloria, како и празничната O Helga Natt.
Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон, ја поздрави публиката и го потенцираше значењето на еден од најголемите празници во Шведска, кој се прославува насекаде низ земјата, во домови, училишта и на работни места. Речиси не постои шведска амбасада низ светот која не организира прослава за Санта Луција. Прикажани беа и кратки филмови кои ја појаснија оваа традиција и ги прикажаа нејзините прослави околу светот.
Денешниот начин на прославување има традиција од речиси еден век, каде главниот лик е Луција – светлоносец кој внесува топлина, светлина и надеж во домовите и срцата на луѓето. Облечена во бела одежда и со круна од свеќи на нејзината глава, Луција се појави и на сцената на Македонската филхармонија, придружувана од нејзините помошнички, од ѕвездени момчиња, мали дедомразовци и ‘колачиња ѓумбирчиња’, кои носејќи свеќи во рацете и во вид на Луција процесија отпеаја песни за Луција и традиционални божиќни песни.
По концертот, гостите беа поканети да ги вкусат подготвените шведски специјалитети. Кулинарската традиција на една земја е многу повеќе од само една книга на рецепти – тоа најавтентично ја отсликува самата природа, обичаите и луѓето на една земја, па така беше и оваа вечер. Мастер-шефот Магнус Албректсон од Шведска, кој меѓу другото е еден од готвачите кои ја имаат подготвувано храната за свечената вечера по повод доделувањата на Нобеловата награда која секоја година ја организира шведското кралско семејство, веќе неколку години по ред е одговорен за менито на најголемите шведски прослави во Скопје. Оваа година тој подготви рецепти кои овозможија да се искуси шведската кулинарска традиција од овој период на годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

