Македонија
Шведската амбасадорка во Белица: Овие краеви даваат можност да се привлечат туристите кои не бараат плажи и хотели со пет ѕвезди
Територијата на Македонија е преполна со скриени „скапоцени камења“, заклучија екоактивистите на завршниот настан на проектот „Зелена комуна Белица“. Жителите на ова кичевско село во изминатата година, ја обновија старата училишна зграда и одржаа низа работилници на тема енергетска самоодржливост, биодиверзитет и климатски промени. Шведската амбасадорка, Ами Ларсон Јаим, која беше дел од завршниот настан во Белица, се воодушеви од иницијативата за самоодржливост на руралните заедници.
„Богатството на овие краеви и на културата даваат многу можности за привлекување на посетители кои бараат различно искуство од масовниот туризам на плажите и на хотелите со пет ѕвездички. За жал населението на многу рурални заедници се намалува и тие се соочуваат со зголемена невработеност, и ограничена инфраструктура. Затоа ме усреќува фактот што можам да привлечам внимание кон иницијативи како оваа каде што локалното население се здружува со граѓанското општество за да вдахне нов живот во заедницата, создавајќи концепт кој ги спојува едукацијата, климатската отпорност и еко-туризмот“, изјави шведската амбасадорка Ами Ларсон Јаим.
Извршната директорка на Македонското еколошко друштво (МЕД), Робертина Брајаноска, во поздравниот говор ја објасни идејата за зелена комуна во Белица.
„МЕД во соработка со Здружението за развој на Белица имаше за цел да почнеме да работиме на воспоставување на зелена комуна, едно етно село кое ќе биде самоодржливо, кое ќе ги користи на одржлив начин природните ресурси и ќе користи обновливи извори на енергија. Иницијатива која ќе поттикне развој на еко-туризам и ќе ги привлече луѓето да се враќаат на своите огништа и да овозможат отворање на можности за дополнителни приходи“, рече директорката Брајаноска.
На завршниот настан презентации имаа Светлана Пејовиќ, координатор на програма во Македонското еколошко друштво и Горазд Смилевски, кои објаснија кои се биолошките и социјалните посебности на ова село, и од кои причини е погодно за реализација на ваков проект.
„Зелена комуна Белица“ е дел од грантовата шема „Граѓанските организации во акција за климатските промени” предводена од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, во соработка со Македонско здружение на млади правници и Организацијата за поврзување на природните вредности и луѓето CNVP, а финансиски поддржан од Владата на Шведска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

