Македонија
Шведско-македонската стопанска комора отвора канцеларија во Кисела Вода: нови можности за локалниот бизнис
Денес во просториите на Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со Самуил Наумовски Викиус, извршен директор на Шведско-македонската стопанска комора. Оваа стопанска комора, која официјално започна со функционирање во октомври 2025 год., наскоро ќе ја отвори својата канцеларија во населбата Црниче, токму на територијата на општина Кисела Вода, информираат од таму.
„Зад комората стојат 35 етаблирани шведски компании кои имаат јасна визија и желба да бидат економски мост помеѓу Шведска и Македонија. Токму овој економски мост е клучниот столб околу кој ќе се развива идната соработка со домашната бизнис заедница. Оваа средба претставува прв чекор кон реализација на заедничките цели за поддршка на стопанството и отворање нови пазари за локалните компании.
Ваквите активности се во директна корелација со програмата на градоначалничката Стаменкоска Трајкоска во делот за Локална стратегија за економски силна општина. Преку проекти за унапредување на локалната бизнис клима, Општината активно работи на подобрување на инфраструктурата, модернизација на административните услуги и директна поддршка на малите и средни претпријатија“, стои во соопштението.
Целта, како што е појаснето, е да се унапредат условите за поефикасно водење бизнис, зголемена конкурентност и привлекување на нови инвестиции, кои ќе резултираат со нови работни места и одржлива локална економија.
-Оваа иницијална средба го потврдува нашиот фокус кон економскиот развој и градењето стабилни партнерства. Фактот што Шведско-македонската стопанска комора ја отвора својата канцеларија токму кај нас, во Кисела Вода, потврдува дека како општина создаваме услови кои се препознаени од меѓународната бизнис заедница. Нашата намера е да бидеме активна поддршка на овој економски мост што се гради меѓу шведските компании и македонското стопанство. Преку мерките за модернизација и поддршка на малите и средни претпријатија кои се дел од нашата стратегија, обезбедуваме основа за нови инвестиции и долгорочен економски раст. Кисела Вода продолжува да се позиционира како општина која активно ги поддржува деловните иницијативи и гради стабилна основа за просперитет на сите граѓани-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

