Македонија
Шекеринска: Домашна картичка ќе добијат уште две нови категории на граѓани
Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, најави дека со четвртиот пакет економски мерки е предвидено картичките за купување домашни производи кои сега беа на располагање на одредни категории на граѓани да опфатат уште две групи и тоа невработени лица, кои не се пријавувале секој месец во агенцијата за вработување, и втората категорија ќе бидат сите пензионери, со пензии под 15.000 денари.
Шекеринска најави и зголемување на минималната плата.
„Според сегашното темпо на зголемување на минималната плата и земајќи предвид дека за време на епидемијата успеавме минималната плата да ја зачуваме на исто ниво, целта ни е минималната плата во следниот четиригодишен период да порасне на 20.000 денари, изјави носителката на кандидатската листа на коалицијата „Можеме“ во изборната единица 5, заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во Дебар.
Таа додаде дека заедно со минималната плата ќе расте и просечната плата и дека целта е на крајот на мандатот таа да изнесува 34.000 денари.
„За да го постигнеме ова ќе ја зголемиме финансиската помош која што ќе ја насочиме кон наиште компании. Тие ќе можат да сметаат на 600 милиони евра поддршка, од кои 300 ќе влегуваат од државниот буџет, а 300 од европските фондови, а 2,2 милијарди евра ќе се насочат во јавни инвестиции“, нагласи Шекеринска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Зголемените вложувања во науката се клучни за влез на македонски универзитет на Шангајската листа
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата значително ги зголемила средствата за научно-истражувачка дејност, оценувајќи дека тоа е неопходен чекор доколку државата сака барем еден универзитет да се најде меѓу првите 1.000 на Шангајската листа.
Одговарајќи на новинарско прашање за приоритетите во образованието за наредната година, Мицкоски информираше дека средствата за поддршка на научно-истражувачки проекти се зголемени од 340 милиони денари во 2023 година, на околу 680 милиони денари во 2024 и 2025 година, а за следната година се планирани повеќе од 770 милиони денари.
Тој оцени дека средствата сè уште не се доволни, но нагласи дека се значително повисоки во однос на состојбата која Владата ја затекнала. Според него, зголемените инвестиции, заедно со измените во Законот за високо образование, треба да поттикнат поголема научна продукција и објавување трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание, кои се дел од базата Web of Science.
Мицкоски посочи дека анализите покажуваат оти за влез на универзитет од земјава меѓу првите 1.000 на Шангајската листа е потребно осум до десеткратно зголемување на бројот на научни трудови објавени во релевантни меѓународни списанија.
Премиерот оцени и дека платите на универзитетскиот кадар со последните зголемувања се на задоволително ниво, по што фокусот, како што рече, треба да се насочи кон зајакнување на научната дејност како една од основните обврски на професорите. Тој изрази очекување дека по усвојувањето на новиот Закон за високо образование, во наредните години ќе има зголемена научна активност и конкретни резултати.
Македонија
Мицкоски: Новата градинка во Кочани ќе додаде квалитет во животот на граѓаните
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новоотворената градинка во Кочани ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, нагласувајќи дека ваквите објекти имаат особено значење за најмладите.
Тој посочи дека објектот, кој подолг период бил во подготовка, конечно е ставен целосно во функција и ќе овозможи згрижување и растење на децата во современи и соодветни услови. Мицкоски изрази задоволство што градинката е функционална, исполнета со деца и со вработени кои, како што рече, имаат хумана и одговорна задача.
Премиерот упати благодарност до градоначалникот на Кочани, до заменик-министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и до Советот и администрацијата на Општина Кочани, за нивниот ангажман во реализацијата на проектот.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи да ги поддржува проектите и приоритетите на локалната самоуправа, оценувајќи дека надлежните на локално и централно ниво најдобро ги познаваат потребите на граѓаните.
Македонија
Во 2025 извршени 1.700 надзори за животната средина, издадени 20 решенија и три забрани за работа
Во текот на 2025 година, заклучно со 20 декември, во државата биле спроведени вкупно 1.700 инспекциски надзори во областа на животната средина, при што биле утврдени 398 неправилности и издадени исто толку решенија во инспекциска постапка, соопштија надлежните на денешната прес-конференција.
Како што беше истакнато, покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки. Надзорите опфатиле редовни, вонредни и контролни инспекции, а биле спроведувани согласно Годишниот план за работа и Акцискиот план за краткорочни мерки за чист воздух за периодот ноември 2025 – март 2026.
Во рамки на Акцискиот план, од 1 ноември до денес биле реализирани над 55 инспекциски надзори кај инсталации со А-интегрирани еколошки дозволи, при што биле издадени 20 решенија и три забрани за работа. Надзорите биле спроведени на целата територија на државата, во инсталации со влијание врз животната средина преку емисии во воздухот.
Надлежните информираа дека во 2025 година кај Цементарница „Усје“ биле извршени вкупно шест инспекциски надзори – два редовни и четири вонредни, од различни државни инспектори, вклучително и вечерни, ненајавени контроли. Кај сите надзори не биле утврдени неправилности во работењето на правниот субјект.
Дополнително, биле реализирани и ненајавени вонредни мерења на емисии во воздухот, во соработка со лабораторијата при Министерството за животна средина и просторно планирање и Управата за животна средина. Цементарницата, како што беше наведено, доставува месечни извештаи за емисии во воздухот од сите емисиони точки, како и полугодишни извештаи од мерења спроведени од акредитирана лабораторија.
Во делот на дозволите беше појаснето дека Цементарница „Усје“ поседува А-интегрирана еколошка дозвола издадена во март 2020 година, со важност од седум години. Најдоцна до март 2026 година, операторот е должен да поднесе барање за нејзино обновување, при што постапката ќе вклучи и учество на јавноста и примена на најдобри достапни техники.
Надлежните информираа дека од крајот на 2018 година Цементарница „Усје“ користи алтернативни горива со стапка на замена до 15 отсто, како дел од концептот на циркуларна економија. Во 2024 година, според годишниот извештај, не биле увезувани алтернативни горива поради законската забрана за увоз на отпад за енергетски цели, а користени биле биомаса од земјоделски отпад, селектиран отпад од текстилната индустрија, отпад од пакување и отпадна пластика што не може да се рециклира.
На прес-конференцијата беше нагласено дека инспекциската служба има превентивна и надзорна улога, а мерењата на емисии ги вршат исклучиво акредитирани лаборатории. Податоците од континуираниот мониторинг, кој се спроведува 24 часа дневно, седум дена во неделата, се обработуваат софтверски и се доставуваат до надлежните институции.

