Македонија
Шекеринска кандидатка за заменик-генерална секретарка на НАТО, пишува „Политико“
Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, е кандидатка за заменик-генерална секретарка на НАТО, објави „Политико“.
Реномираниот медиум од свои извори дознава дека постои согласност помеѓу сојузниците дека Источноевропеец треба да биде назначен за заменик на новиот шеф на алијансата, Марк Руте.
Покрај Шекеринска, кандидатка за оваа позиција е и поранешната вицепремиерка и еврокомесарка од Бугарија, Марија Габриел.
Ако биде избрана, Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан и од земја што не е членка на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска: Како ќе функционира ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во следните пет дена прашајте го премиерот Мицкоски
„Како ќе функционира ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во следните пет дена прашајте го премиерот Мицкоски кој лично од својот кабинет го наредува овој хаос кој воедно и го најави како интересна разврска на прес конференција непосредно пред да се случи“, вели актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска.

„Го повикуваме премиерот Мицкоски кој има своја претседателка на Управен одбор од ВМРО која воедно е и осуден криминалец за 2 кривични дела во 2006 и 2022 година, да го повика Управниот одбор на Комунална хигиена Скопје согласно член 24а став 2 од Законот за јавни претпријатија во случај да донесе одлука за разрешување на директорот и согласно став 3 од истиот член да именува вршител на должност на претпријатието.
Мицкоски го тероризира градот со своето режимско и диктаторско владеење преку својот Управен одбор, злоупотребувајќи ги институциите и полицијата да сее страв и да врши репресија пред избори.
Го прашуваме директно и базирано врз доказите кои граѓаните секојдневно ги изнесуваат во јавност:
1. Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие Тетово за еко хаваријата што ја предизвика со отпадот во Вардар и зошто не?
2. Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие Гази Баба за еко хаваријата што ја предизвика во Јурумлери со отпадот кој го фрла сред природа со општински камиони и зошто не?
3. Дали е приведен директорот на JП Чистота и зеленило Куманово за еко хаваријата што ја предизвикува секојдневно со отпадот низ Куманово и зошто не?
Или таму РЕЖИМСКИОТ ДИКТАТОР Мицкоски не дал наредба да се апси?“, прашува Арсовска, преку соопштението објавено и на социјалните мрежи.
Македонија
Директорот на Фондот на ПИОСМ се сретна со шефот на Мисијата на Светска банка: во фокусот дигитализацијата на архивата
Дигитализацијата на архивата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија беше една од темите за кои стана збор при средбата на директорот на Фондот, Никола Мемов со Мисијата на Светска банка предводена од Зоран Анушиќ и Мануела Софија Станкулеску, а е дел од СИАП проектот и пензиската политика.
Беше речено дека во наредниот период ќе се интензивираат активностите за да може дигитализацијата на архивата да се реализира до средината на наредната 2026 година, бидејќи е од особена важност за обезбедување на квалитетна база на податоци за осигурениците и ќе придонесе во поефикасното работење на Фондот.
На состанокот стана збор и за статусот на актуарската единица која треба да се воспостави во наредниот период и активностите потребни за заживување на целиот процес.
Мемов, нагласи дека во најкус рок лицата кои имаат дел од потребните обуки ќе продолжат со истите и ќе бидат вклучени во процесот на работа во Фондот со цел правење на проекции и предвидувања за развојот на пензискиот систем во иднина.
Македонија
Царината заплени околу три илјади парчиња стока: облека со потпис на заштитени трговски марки, алкохол, електронски цигари, автоделови
На граничните премини Блаце, Табановце, Богородица и Ново Село царинските службеници и мобилните тимови запленија речиси три илјади парчиња стока, меѓу која алкохолни пијалоци, електронски цигари, облека со потпис на заштитени трговски марки, и автоделови пронајдени во возила, автобуси и товарни моторни возила. Против сторителите се водат посебни постапки.
На граничен премин Блаце запленети се повеќе од 700 парчиња разна стока, меѓу која играчки, парфеми, козметика и мебел.
Вкупно 600 парчиња разна стока, во најголем дел играчки се пронајдени во фабрички шуплини на комбе, управуван од македонски државјанин.
Во друг случај откриени се вкупно 143 парчиња парфеми и козметика пронајдени под патосниците на задните седишта како и во багажниот простор на автомобил управуван од македонски државјанин.
Во товарно возило кое на влез во државата е пријавено како празно, царинските службеници открија вкупно три парчиња гарнитури мебел.
Царинските службеници на граничниот премин Табановце во текот на изминатите денови, во три одделни случаи запленија 26 шишиња алкохолни пијалоци, над 200 парчиња електронски цигари и уред за авто-дијагностика. Дополнително, мобилен царински тим откри и спречи обид за шверц на осум сета воздушни и водни пумпи со соларен панел, наменети за фонтани и аквариуми.
Во првиот случај, 26 шишиња алкохолни пијалоци со проценета вредност од околу 30 илјади денари биле пронајдени во автомобил со германски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин. Лицето не ја пријавило стоката со цел да избегне плаќање царински давачки во износ од околу 7 илјади денари.
Во вториот случај, царинските инспектори пронашле 209 парчиња електронски цигари во две торби на патник кој патувал со автобус на релација Брисел – Скопје.
Третиот случај се однесува на уред за авто-дијагностика, откриен во автомобил со привремени германски таблички, управуван од македонски државјанин.
Во посебен случај, Службата за мобилен скенер при контрола на товарно моторно возило откри осум сета водни и воздушни пумпи со соларен панел.
На граничниот премин Богородица, при контрола на стока во транзит, мобилни тимови запленија 1.200 парчиња безжични контролери за Sony PlayStation и 650 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки. Запленетата стока е одземена поради сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост.
На граничниот премин Ново Село, царинските службеници запленија автоделови кои биле пронајдени во автомобил управуван од македонски државјанин. Стоката е запленета, а против сторителот е поведена соодветна постапка.

