Македонија
Шекеринска: Македонија во НАТО нема да бара, туку ќе ги нуди своите капацитети
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, присуствуваше на свеченото затворање и завршната вежба на меѓународниот „Летен кампус 2018“, што во изминатите десет дена се одржуваше на армискиот полигон „Криволак“, а на кој учествуваа претставници на 11 држави од регионот и пошироко.
Поздравувајќи ги учесниците, Шекеринска пред новинарите изјави дека Македонија не ја чекала поканата за НАТО, туку дека работела напорно за да ја заслужи.
„Македонија работеше и работи да ги исполни сите критериуми и стандарди. Воената академија и Министерството за одбрана прават сè за да обучат модерна армија која ќе биде членка на НАТО-aлијансата“, рече министерката и додаде дека заедничките активности на државите од регионот и пошироко, како што е Летниот кампус, покажуваат дека соработката е возможна и корисна.
Шекеринска ја најави претстојната вежба што во текот на месецов ќе се одржи на полигонот „Криволак“ меѓу македонските и американските специјални сили и рече дека членството во НАТО е можност за Македонија да се претстави не како земја што бара, туку како земја што ги нуди своите капацитети.
„Очекуваме во текот на летово да имаме дополнителни американски војници коишто се присутни во регионот, да вежбаат заедно со македонските војници и очекуваме дека со членството во НАТО, потенцијалот на Криволак ќе се зголеми. Тоа ќе биде добро за имиџот на Македонија, како и за домашната и локалната економија“, рече министерката.
Меѓународниот проект „Летен кампус 2018“ имаше за цел да ги запознае младите питомци и идни мировници со можните предизвици во постконфликтните операции. Наставата се одвиваше во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ со учество на повеќе од 120 учесници од 11 држави, питомци од Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Романија, САД, Косово, Хрватска, Црна Гора и Република Македонија како домаќин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јавно обвинителство: Изборниот ден помина без поголеми нарушувања во гласањето и пријави за изборни инциденти
Јавното обвинителство соопшти дека до затворањето на избирачките места, изборниот ден поминал генерално без поголеми нарушувања на гласањето и пријави за изборни инциденти.
„Од информациите добиени од јавните обвинителства во државава, во ОЈО Кавадарци оформен е предмет по поднесено известување против лице од Неготино кое било пријавено од граѓанин за кривично дело – Повреда на слободата на определување на избирачите од член 160 од Кривичниот законик. Според наводите, пријавената телефонски се обидела да влијае кај пријавителката да гласа за една политичка партија, напоменувајќи дека е корисник на ИПАРД помош. Предметот е во предистражна постапка и се преземаат дејствија за да се утврди дали постојат елементите на пријавеното кривично дело или друго кривично дело кое се гони по службена должност.
Во ОЈО Кочани примени се известувања од МВР за пријавени настани поврзани со организирано носење на гласачи на избирачко место. Јавен обвинител веднаш даде насоки за проверка и прибирање податоци дали при превозот на каков било начин им се влијаело на гласачите во врска со остварувањето на нивното гласачко право.
Анонимен граѓанин во Ростуше пријавил дека едно лице вршело поткуп на гласачи. ОЈО Гостивар веднаш даде наредби и насоки, беа направени детални проверки, при што наводите не се потврдија со ниту еден доказ.
Освен ова, јавните обвинителства постапуваат и вршат проверки за сите други изолирани настани за кои јавноста претходно беше информирана.
Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Македонија
Адеми тврди дека симпатизери на Европскиот фронт гласале за претседател: „Оставивме самите да одлучат“
Европскиот фронт преводен од Демократската Унија за Интеграција изрази благодарност до секој гласач што ја избрал европската иднина и ги осуди, како што велат, обидите на опозицијата преку пропаганда и лажни вести да сее страв.
Портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека Европскиот фронт денеска ќе биде сведок на историската победа на овој сенароден референдум кој ќе ја запечати европската иднина на земјата.
„Нема враќање назад. Волјата на граѓните е пред се. Ќе останеме верни на волјата на гласачите. Европскиот фронт е гаранција дека активното и масовно учество на граѓаните ќе биде одлучувачко за натамошното напредување на Македонија. Вечерва победата е наша. На сите вас кои кажавте „Не на Русија, да на Европа“, рече Адеми.
Тој вели дека ставот на Европскиот фронт бил поддржувачите самостојно да одлучуваат дали ќе гласаат на претседателските избори.
„Ако направите споредба на процентот на излезност, има мала разлика, но не до тој степен што би се одразила фактичката состојба на нашите поддржувачи. Така што, имало поддржувачи на Европскиот фронт кој ја изразиле својата волја на претседателските избори“, изјави Адеми.
Македонија
Муцунски: ДУИ оди во опозиција, бојкотот не им успеа, цензусот е исполнет
Повикот на ДУИ за бојкот не успеа, а денот ги извади на виделина игрите на власта. ДУИ посакува криза и преку бојкот сакаше да се факторизира. ДУИ изгуби, бојкотот не им е успешен, извесно е дека одат во опозиција, изјави Тимчо Муцунски, на првата прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ по гласањето на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.
„Пропадна сценариото да се создаде криза во државата, се радуваме што е постигнат цензусот, извесно е дека Давкова е новиот претседател. Очекуваме уште подобар резултат од првриот круг, и уште вечерва да биде јасна сликата како ќе изгледа идната Влада на Република Македонија. Очекуваме да имаме резултат што ќе го отслика опозициското расположение во државата“, рече Муцунски додавајќи дека ДУИ е дел од криминална власт што станува минато.
Како што рече, народот излегол за да си ја врати Македонија, односно контролата врз системот бидејќи државата наместо на елитите треба да му припаѓа на народот.
ВМРО-ДПМНЕ оцени дека дека изборниот ден генерално поминал мирно, со поединечни нерегуларности. Муцунски објави дека неколку функционери биле фатени во илегални активности со поткуп и ги повика интитуциите да истражат и да го испитаат потеклото на парите.