Македонија
Шекеринска на состанокот на А5 во Будва: Регионот и САД сакаат што побргу да ја видат Македонија во НАТО
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска учествуваше на состанокот на министри од САД-Јадранската повелба (група А5), што се одржува во Будва. На состанокот присуствуваа и министрите за одбрана на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, како и заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер.
Пред почетокот на состанокот Шекеринска имаше работен појадок со заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Купер, при што уште еднаш беше истакната силната поддршка до Македонија од стратешкиот партнер САД и уверувањето дека со полноправното членство во НАТО нашата земја ќе стане дополнителен фактор за стабилноста и безбедноста на регионот.
Претставничката на САД беше информирана дека Македонија ја изготвила и набргу пред НАТО ќе ја презентира програмата за продолжување реформи и дека минатонеделната посета на Воениот комитет на НАТО е сигнал дека интегрирањето на Македонија во алијансата добива сè појасни контури и видливост во меѓународните рамки.
Министрите за одбрана од групата А5 и заменик-помошничката Лора Купер во име на секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис, потпишаа заедничка изјава, во која, меѓу другото, посебно се нагласува финиширањето на пристапните разговори и се поздравува идното членство на Македонија во НАТО.
„Силно веруваме дека приемот на Македонија во НАТО ќе доведе до натамошно зголемување на стабилноста и безбедност на регионот. Оттука, цврсто ја поддржуваме Македонија што е можно побргу да добие статус на полноправна членка“, се нагласува во заедничката изјава.
Учесниците на состанокот се заложија за натамошно продолжување на политиката на отворени врати за прием на нови членки на алијансата со цел поддршка на аспирациите на другите земји од регионот. Беше афирмирана и заедничката посветеност на НАТО-мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, при што потписниците се обврзаа на натамошно учество во меѓународните мисии на алијансата.
Тема на министерскиот состанок беше регионалната соработка и посветеноста на земјите членки на групата А5 – Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Хрватска и Црна Гора, на интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа во евро-атлантските структури.
Од страна на сите учесници на состанокот беше изразена и благодарност до САД за поддршката во развојот на групата А5, при што е истакната потребата за продолжување на американската улога во зајакнување на капацитетите и можностите на безбедноста и одбраната во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

