Македонија
Шекеринска на средби во САД: Mестото на Македонија е во НАТО, Владата и граѓаните се посветени на таа цел
Во рамките на официјалната посета на САД, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја посети сојузната држава Вермонт каде се сретна со гувернерот Фил Скот и со командантот на Националната гарда, генерал мајор Стивен Креј.
Како што нагласуваат од Министерството за одбрана, Националната гарда на Вермонт и Армијата на Република Македонија имаат одлична речиси 25 годишна соработка во текот на која повеќе од 7.000 припадници на Министерството и Армијата се запознале со стандардите, тактиките и техниките на работење на Националната гарда, вооружените сили на САД и НАТО-алијансата.
На средбата со гуверенерот Скот, министерката Шекеринска се заблагодарила за поддршката во развојот на соработката на АРМ и националната гарда на Вермонт, која помогна во реформите на АРМ на патот кон достигнување на стандардите на НАТО. Шекеринска посочила дека местото на Македонија е во НАТО и дека и Владата и граѓаните се цврсто посветени да ја достигнат таа цел.
„Имплементацијата на реформите во одбранбениот сектор ги развива капацитетите и способностите на АРМ во согласност со стандардите на НАТО, за што добиваме голема поддршка од американската влада, државата Вермонт и Националната гарда на Вермонт“, рекла министерката.
Шекеринска и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј се согласиле дека партнерството на АРМ со Националната гарда е еден од најуспешните примери за соработка.
„Повеќе од две децении Македонија и САД имаат соработка во одбраната базирана на динамичко партнерство, која е од полза за мирот, слободата и безбедноста во пошироки рамки“, рекла министерката.
Шекеринска и Креј како еден од најпозитивните примери за интероперабилноста на АРМ и Националната гарда ги споменале наменските сили Феникс, во чии рамки во 2010 година во Авганистан, интегрирани тимови од Националната гарда и од АРМ рамо до рамо извршуваа најсложени задачи. Министерката изразила очекување Националната гарда на Вермонт, која учествувала на многу заеднички вежби на „Криволак“, да учествува и на големата вежба „Сајбер Гардијан 19“, од која дел, следната година, ќе се одржи и на полигонот „Криволак“.
Шекеринска во Вермонт се сретнала и со Ерика Борнеман, директорката на Дивизијата за кризен менаџмент и безбедност – област во која Вермонт и Македонија развиваат функционална соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

