Македонија
Шекеринска: Ние испорачавме резултати, ЕУ треба да покаже лидерство

„Нашата земја секогаш гледала на процесот на проширување како на процес базиран на резултати и постигнувања. Ние испорачавме резултати во однос на политичката стабилност, медиумските слободи, но и постигнувањето на дел од стратешките цели на граѓаните, како членството во НАТО Алијансата кое го очекуваме до крајот на годинава“, истакна министерката Радмила Шекеринска денеска на Конференцијата на тема „Перспективите и предизвиците на Југоисточна Европа“, која се одржува во Цавтат, Хрватска, а е во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“.
Шекеринска, која учествуваше на првиот панел посветен на европската интеграција, предизвиците и можностите за Југоисточна Европа, рече дека доколку идната недела ЕУ не донесе позитивна одлука за Северна Македонија, прогресивните сили кои се подготвени за храбри компромиси, за помирување, за една различна, демократска и напредна слика за Балканот, ќе почувствуваат недостаток од интерес од Европската Унија. Таа додаде дека за да се промовира лидерство, мора да се имаат и вредности, но и конзистентност и веродостојност.
На конференцијата учествуваат бројни членови на Европскиот парламент, парламентарци од Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, претставници од академската заедница и невладиниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани во Брисел на состанок на ГАК за владеење на правото

На покана на Данското претседателство со Советот на ЕУ, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утре во Брисел ќе учествува на состанок на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК), кој ќе биде посветен на владеење на правото.
Ова е второ учество на министри од земји-кандидатки за членство во Унијата, заедно со земјите-членки да бидат дел од формалниот ГАК на кој ќе се дискутира за овогодинешниот Извештај на Европската комисија за владеење на правото.
Во тој контекст, предвидено е да се разговара за состојбите во четирите области опфатени со Извештајот на ЕК за владеење на правото 2025: судскиот систем, антикорупција, медиумски плурализам и слободата на медиумите и за други институционални прашања поврзани со контролните механизми.
Македонија
Делови од Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците село Волково – улицата пред последна автобуска станица 22, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 09.00 до 14.30 часот, корисниците на улицата Будимпештанска околу бр.25., општина Карпош.
Македонија
Утрово нестабилно време на исток, преку денот сончево и ветровито

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во раните утрински и претпладневни часови во источните делови од земјата ќе има нестабилно време со локален пороен дожд и услови за ретки грмежи.
Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, локално со брзина над 60 километри на час. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните ќе достигнат од 24 до 31 степен.
Во главниот град ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Облачноста ќе се намали во текот на денот, а ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, додека максималната ќе достигне до 30 степени.
Од вторник ќе преовладува претежно сончево и ветровито време, со умерен до засилен северен ветер кој ќе биде најизразен долж Повардарието.