Македонија
Шекеринска до амбасадорите: Целиме кон мала, модерна и флексибилна армија
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ги запозна амбасадорите на земјите членки на НАТО во Македонија со напредокот во изработката на клучниот стратешки документ во одбраната – Стратегискиот одбранбен преглед.
„Нашата цел е да имаме мала, модерна и флексибилна Армија, која ќе го има своето место во НАТО. Ги проценивме новите безбедносни ризици и предложивме реформи во Армијата и во Министерството. Со зголемувањето на буџетот за одбраната отворивме можност за почнување на реформите. Процесот на изработката на Стратегискиот одбранбен преглед за кој имавме кусо време е успешен поради квалитетниот тим кој на него работеше поради поддршката од НАТО и сојузниците и инклузивноста во процесот. Благодарни сме за поддршката од владите на САД и Велика Британија, кои испратија советници што помогнаа во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како и на НАТО-канцеларијата во Скопје и на другите земји членки што го дадоа својот придонес. Инклузивниот процес во изработката на СОП е од огромно значење за да имаме ефикасна имплементација на реформите“, рече министерката.
Шекеринска додаде дека се очекува Владата да го усвои Стратегискиот одбранбен преглед пред самитот на НАТО и ги повика амбасадорите на земјите членки на НАТО да придонесат со своите совети во имплементацијата на СОП, кој ќе постави основа за долгорочен план за развој и модернизација на Армијата на Република Македонија.
Министерката го изрази очекувањето на Владата за поддршка за Македонија на претстојниот самит на НАТО.
Американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека може да посведочи за вредната работа на компетентни лица од Министерството и Армијата, во соработка со американските и британските експерти. Британскиот амбасадор Чарлс Гарет се обрати до своите колеги повикувајќи ги дека доколку сакаат, да имаат конструктивна соработка со Македонија, која ќе има резултат – ова е можноста. Тој рече дека реформите во одбраната се важни не само за Македонија и регионот туку и за колективната безбедност.
Последниот Стратегиски одбранбен преглед беше донесен пред 14 години. Министерството за одбрана се обврза новиот документ да биде донесен до крајот на јуни, а неговата изработка навлезе во завршна фаза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

