Македонија
Шекеринска: Учениците од Дебреште, конечно, ќе добијат нова спортска сала
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска, заедно со заменик-министрите за образование и наука и за локална самоуправа, Елизабета Наумовска и Дејан Павлески, изврши увид во изградбата на спортската сала во училиштето „Али Фетхи Окјар“ во село Дебреште, општина Долнени.
Како што информираат од Владата, спортската сала ќе се простира на 650 квадратни метри и ќе биде комплетно опремена со спортска опрема и реквизити за мали спортови, како кошарка, одбојка, ракомет и мал фудбал.

„Убедена сум дека кога ќе дојдеме овде по септември, ќе можеме и со учениците, и со наставниците и со граѓаните на општина Долнени да го прославиме целосното заокружување на овој проект. По 40 години зборување, сега можеме да видиме со свои очи дека салата е тука и можеме да сметаме на тоа дека нашите млади нема да треба да патуваат во Прилеп за каква било спортска активност, туку ќе може да спортуваат, да учат, да се образоваат блиску до својот дом и блиску до своето училиште“, рече Шекеринска.

Инвестицијата е вредна 24 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на државата, поточно од Министерството за образование и наука и од Банката за развој при Советот на Европа.
Во моментот спортската сала е во напредна фаза на градба, повеќе од 60 проценти, се монтираат панели и се очекува да биде комплетно завршена до почетокот на наредната учебна година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

