Македонија
Шеста година по ред „Среќно прваче“ – Халкбанк им подари буквар за финансиска писменост на првачињата
Со Буквар за финансиска писменост и училиштен прибор, Халкбанк им посака топло добредојде на првачињата од општините Кисела Вода, Прилеп и Берово. Активноста е дел од иницијативата „Среќно прваче“, која банката ја спроведува шеста година по ред, со цел да ја поддржи едукацијата на децата уште од најмала возраст. Годинава, првачињата на училишните клупи ги пречека пакетче со ликот на слончето Халки, кое е симбол на детското штедење на Халки и носител на голем број активности за општествена одговорност на банката.

Букварот за финансиска писменост содржи триесетина основни финансиски поими кои се илустрирани и опишани на јазик разбирлив за возраста на првачињата. Преку него тие можат да ги научат основите на финансиската писменост и да стекнат корисни навики за штедење.
„Среќно прваче е една од нашите најдраги активности бидејќи е посветена на првачињата, кои денес, на 1-ви септември, почнуваат нова епизода во својот живот. Нашата цел е преку специјално дизајнираните пакетчиња да им испратиме порака дека учењето нови работи може да биде забавно и на тој начин да се почувствуваат прифатени во новата училишна средина. Букварот на Халки е уникатно издание кое на првачињата ќе им овозможи да научат и нешто ново и интересно за финансиската одговорност“, вели вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.
Иницијативата „Среќно прваче“ секоја година се спроведува во различни општини од повеќе региони во Македонија. Годинава, од скопските општини, е вклучена Кисела Вода, каде активноста ќе се реализира во сите осум основни училишта.

„Грижата за децата е еден од стожерите во работата на Општина Кисела Вода и токму затоа со задоволство се вклучивме во иницијативата „Среќно прваче“ на Халкбанк, која веќе традиционално претставува симбол на внимание и посветеност кон најмладите. Образованието не е само она што се стекнува во училишните клупи, туку и градењето корисни навики кај децата преку примери на општествена одговорност и креирање подобри услови за нивен непречен раст и развој. Само заедно, со учество на сите општествени фактори, можеме да изградиме подобра заедница за нашите млади, за нашата иднина“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода.
Дополнително, Халкбанк ќе им посака среќен почеток и на сите првачиња во општините Прилеп и Берово.
„Горд сум што Општина Прилеп се приклучува на оваа општествено – одговорна иницијатива „Среќно прваче“ на Халкбанк. Со подарување пакетчиња за првачињата, заедно се грижиме да им обезбедиме радосен и достоинствен почеток на новата учебна година. Особена вредност има што покрај основниот училишен прибор, децата го добиваат и „Букварот на Халки“, кој ги запознава со важните теми на финансиската писменост уште од најмала возраст“, изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески.
„Искрена благодарност до Халкбанк за донираниот училишен прибор за нашите најмали – првачињата. Оваа донација е прекрасен гест и силна поддршка за нивниот прв чекор во образованието. Заедно со вакви партнери градиме посветла иднина за децата и вложуваме во највредното – знаењето“, рече градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.
Покрај „Среќно прваче“, Халкбанк преку слончето Халки спроведува голем број активности за поддршка на децата и младите, кои главно се насочени кон градење позитивни навики за инклузија, заштита на животната средина, развој на креативноста, одговорно родителство.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

