Македонија
Шест општини од Југозападниот и Пелагонискиот Регион ќе работат на одржливо управување со отпадот
По повод одбележувањето на 5 Јуни, Светски ден на животната средина, денеска се одржа воведната конференција на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“.
Одржливите практики за управување со отпад повеќе не се само идеал, тие се суштински дел од одржувањето на деликатната рамнотежа на нашите екосистеми и ублажувањето на еколошката криза, со која се соочува нашата планета денес. Препознавајќи ја оваа итност, напорите во светот се фокусирани на префрлање од традиционалните, линеарни методи на отпад „земи – направи – фрли“ кон циркуларни и еколошки пристапи, со цел да се намали отпадот, а да се зголеми рециклирањето и обновувањето. Тргнувајќи оттука, проектот е насочен кон поодржливи јавни услуги, подобрена усогласеност со законодавството на ЕУ и поголема одговорност за животна средина меѓу граѓаните. Исто така, ќе помогне да се зајакне локалната демократија преку подобрување на административниот капацитет и учеството на јавноста, како и решавање на аспектите на родовите и човековите права поврзани со управувањето со отпадот, велат надлежните.
„Веруваме дека овој проект ќе ни помогне да го зајакнеме управувањето со животната средина и да ги подобриме системите за управување со отпад во целата земја. Овој потфат не е значаен само од аспект на усогласување со ЕУ; се работи за поттикнување одржлив развој, заштита на нашите природни ресурси и подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани“, изјави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Рајан Нокс, извршниот директор на „САЛАР интернационал“, рече дека експоненцијалниот раст на отпадот бара соработка, иновативни идеи и промени во практиките за да се обезбеди поодржлива иднина. Усвојувајќи холистички пристап, проектот ќе работи со рачно ниво на управување, односно локално, регионално и национално ниво.
Проектот ќе поддржи шест избрани општини во Југозападниот и во Пелагонискиот Регион во процесот на планирање за управување со отпад, како и спроведување на плановите. Тој ќе работи со општинските администрации, локалните јавни комунални претпријатија и со жителите во избраните општини да ги подобрат практиките за планирање за управување со отпадот и да ја зајакнат способноста за обезбедување инклузивни и одржливи услуги за управување со отпадот. Проектот ќе ги поддржи и другите 12 општини од двата региона преку изработка на локални акциски планови (ЛАП), споделување најдобри практики и воведување модели за подобра меѓуопштинска соработка и координација.
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, нагласи дека „управувањето со отпадот претставува една од поважните задачи на единиците на локална самоуправа, тоа е една од услугите што општините треба да ги дадат на своите граѓани. Поддршката за јакнење на свеста за селекција на отпадот, јакнењето на капацитетите на локалната власт, како и обезбедувањето соодветна и квалитетна опрема за селекција и транспорт на отпадот, се важни делови во целиот овој процес. Но, најважно од сѐ е соодветна имплементација на законските одредби и неселективна примена на казните за секое загрозување на животната средина“.
На конференцијата беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу „САЛАР интернационал“, избраните општини од Југозападниот и Пелагонискиот Регион (Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница) и партнерите на проектот – Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС. Со потпишување на меморандумите почна и официјалниот дел на имплементацијата на проектот на локално ниво, кој веќе има изработена студија за состојбата со отпадот во овој дел од земјата.
Проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локалните власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница „САЛАР интернационал“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Груевски му ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ: „Мнозинството ги казни политиките што ги постави Заев“
Експремиерот во бегство, Никола Груевски, им ја честита победата на парламентарните и претседателските избори на своите поранешни сопартијци, коментирајќи дека мнозинството ги казни политиките што ги постави Зоран Заев, а очекувањата на народот не смеат да бидат изневерени.
„Судбината сакаше на денот на победата над фашизмот, одбележувајќи го големиот пораз на фашизмот во 1945 година, да го поздравам големиот пораз на СДСМ и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите одржани вчера, како на парламентарните, така и на претседателските избори.
Вчера, иако со поголемо задоцнување, убедливито мнозинство народ жестоко ги казни и порази политиките на СДСМ кои ги постави Зоран Заев, а ги следеа неговите слепи послушници.
Политики полни со национални предавства, криминали, длабока корупција и лично богатење на грбот на граѓаните, секојдневни лаги и манипулации, злоупотреби, политички прогони на неистомислениците, не функционалност на државните институции и нивно ставање во лична полза, како и неспособност од големи размери.
Политики кои Македонија ја уназадија во секој поглед, неповратно иселија огромен број граѓани и ја доведоа земјата во позиција на потчинетост пред негаторите на нацијата и на македонскиот идентитет, јазик, историја, име, националност и посебност. Политики со кои Македонија беше константно 7 години економски уништувана, осиромашувана, ограбувања и морално пропаѓана. ВМРО-ДПМНЕ доби голема подршка од граѓаните.
Честитам!
Но, и голема обврска пред народот, и големи очекувања и надеж кај нив, кои не смее да се изневерерат.
Со среќа!
И со ум!“, напиша Груевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги постави контурите за коалирање со партиите – во фокусот се три точки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информира дека претпладнево одржал состанок, на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со другите партии.
Фокусот ќе бидат луѓето на прво место, вели Мицкоски.
Трите значајни точки врз кои ќе почиваат преговорите за коалициските партнери во новата влада се: економски силна држава преку реформи и чекори, кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард; фронт против криминалот и корупцијата и постигнување правда; реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции преку дијалог и исполнување принципи.
Мицкоски рече дека очекувањата се големи, а одговорноста кон народот уште поголема.
Партискиот лидер уште пред изборите најави дека ВМРО-ДПМНЕ планира да коалира со албанскиот опозициски блок „Вреди“, а не со ДУИ, а за која партијата смета дека треба да замине во опозиција.
Македонија
АРМ во Охрид ќе реализира показна вежба: ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти
Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните на Охрид дека утре во периодот од 10.00 до 12.00 часот во водите на Охридското езеро во близина на центарот за обука на вода во Охрид, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ ќе реализираат показна вежба – препад на пловен објект.
За време на вежбата ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема што ја користи Армијата.
СВР Охрид, ги известува граѓаните дека, во врска со оваа активност, денеска во периодот од 13 до 15 часот, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ, на истиот простор ќе изведат подготвителни активности со цел, успешна реализација на утрешната показна вежба.