Македонија
Шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и на Словенија: Западен Балкан во ЕУ што е можно побргу
Западен Балкан треба да се интегрира во ЕУ бидејќи тоа е најдобриот начин да се стабилизира ситуацијата во тој дел од европскиот континент, најавија шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и на Словенија.
Во заедничката колумна објавена, министрите Гордан Грлиќ Радман, Александар Шаленберг и Тања Фајон истакнаа дека руската агресија врз Украина ја направи ЕУ уште поатрактивна за земјите од источното партнерство – Украина, Молдавија и Грузија, а во исто време земјите од Западен Балкан се соочуваат со невидени закани за стабилноста и зголемени надворешнополитички дилеми.
Затоа министрите го поздравуваат новиот пристап кон проширувањето на ЕУ, кој, за разлика од претходните периоди, дава поголемо значење на геостратешката перспектива со помала бирократизација.
Тие додаваат дека минатогодишната одлука за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина била заснована на стратешки размислувања.
„Но, неопходно е да се истакне дека овој стратешки пристап не смее да значи намалување на стандардите за проширување на ЕУ. Целосното спроведување на реформите и понатаму останува клучно“, е мислењето на тројцата министри за надворешни работи. Воедно, појаснија кои конкретни чекори треба да се преземат без одлагање.
Како прв чекор ја наведуваат потребата Европската Унија да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина до крајот на оваа година.
Втората е дека Црна Гора мора да го продолжи својот реформски пат кон ЕУ, што зависи од формирањето на новата влада во земјата, а третата е напредокот што треба да се постигне во преговорите со Албанија и Северна Македонија.
„Во Северна Македонија, следните чекори зависат од способноста на земјата да ги донесе потребните уставни измени. Последниот случај е потсетник дека земјите -членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да играат одговорна улога и да се воздржат од вметнување билатерални проблеми и спорови кои не се поврзани со процесот на пристапување“, се наведува во заедничката колумна.
Сите членки на ЕУ повикаа на „покреативни“ и „динамични“ односи со земјите кои пристапуваат врз основа на фер и ригорозни услови, но и на некаква интеграција веќе сега, на пример преку учество на министри од регионот во работата на Советот за надворешни работи на ЕУ.
„Проширувањето на ЕУ не е една од политичките опции. Тоа е денес – геостратешки императив“, заклучуваат Грлиќ Радман, Шаленберг и Фајон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.

