Македонија
Шилегов во Ѓорче Петров: Инвестиравме над 52 милиони денари во реконструкција на училиштето „Кочо Рацин“
Градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов и на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски вечерва остварија маалски средби со граѓаните од оваа општина. Тие беа придружувани од носителите на кандидатските советнички листи за Скопје, Софија Пејкова и за Ѓорче Петров, Илија Спасовски.
„Во Ѓорче Петров и во цело Скопје победува Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ затоа што имаме најдобри проекти, најдобра понуда, и најдобар степен на реализација. За нас секој човек е важен, секоја општина е важна“, посочи Шилегов.
Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека и во Ѓорче Петров како и во другите скопски општини се вложува во важни капитални проекти.
„Ги реконструиравме улиците Ѓорче Петров и 4-ти јули, а реконструкцијата на улицата Лука Геров завршува до крајот на годината. Ги расчистуваме диви депонии во општината, пробивме нови велосипедски патеки и подигнавме нови зелени површини. Поставуваме нова фекална и атмосферска канализација онаму каде што е потребно. Сето тоа го правиме заедно со локалната власт, за граѓаните на Ѓорче Петров“, посочи Шилегов.
„Инвестираме над 52 милиони денари во реконструкција на средното училиште Кочо Рацин која ја започнавме годинава. Обезбедивме прочистувачи за воздух за секоја училница“, додава Шилегов.
Во делот на градското зеленило, Шилегов потенцираше дека во Ѓорче Петров подигнати се над 6.400 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени околу 1000 садници.
„По изградбата на БРТ системот за брз автобуски превоз од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе се стигнува за околу 25 минути. Реконструкцијата на мостот Обединети Нации, новиот мост на Љубљанска продолжувањето и клучката на бул. Словенија, како и затворањето на северниот магистрален прстен иако не се територијата на Ѓорче, во голема мера ќе го олесни движењето на жителите на Ѓорче кон другите скопски населби“, најави Шилегов.
„Ревитализацијата на запоставени железнички станици во Ѓорче Петров, Волково, Скопје-Север, Транспортен центар, Маџари и Драчево ќе овозможат интегрирање на железницата во Скопје со јавниот градски превоз“, додаде Шилегов.
„Скопје е град за сите и секоја населба е подеднакво важна, без разлика на нејзината оддалеченост од центарот на градот. Работиме на развој на инфраструктурата и подобрување на квалитетот на живот во сите скопски општини и заради тоа е потребно да се одржи континуитет и грижа за секој човек, за секое семејство, за секоја населба и по изборите. Развојот на Скопје нема да запре, нема да назадува, затоа е важно да излеземе на изборите и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје“, заклучи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со приказната за авионот Мицко ја расплака пола Македонија, велат од СДСМ
Многу тажната приказна на премиерот Мицкоски ја доведе до солзи половина Македонија. Авион морало да се купи за да служи во хуманитарни цели. Очигледно за него лично патувањето на море со авион е „хумано“, велат од СДСМ по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.
„Бидејќи морето има лековити дејства, сигурно со нов авион и нови часовници од 60 илјади евра ќе му бидат потребни. Често народот вели дека и парите може да бидат лековити. Хумано не е исто што и хуманитарно. Би било хумано да се зголемат платите на работниците на 600 евра. Затоа што луѓето едвај врзвуваат крај со крај, не можат да ги платат сметките и да обезбедат храната за своите семејства.
А ако се плаши да лета со владиниот авион, како што вели, постојат и комерцијални летови. Е сега не мора со бизнис класа како што е навикнат и со карти од 4.000 евра, може да патува и со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Тука „бизнис“ главно прави тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Сега кога Мицкоски призна дека го водел семејството на море на трошок на граѓаните, нека каже, додаваат од опозициската партија, и кај кого беше на Јадранско море, за на граѓаните да им биде сè јасно.
„Овие жалопојки на Мицкоски тешко се слушаат. Морало кај Орбан, читај Груевски, морало кај сестринската партија по copy-paste инструкции за кампања.
Дури толку ги применува инструкциите што почна да вметнува латински изрази како Вучиќ во своите изјави. Човек не знае дали го слуша Вучиќ или Мицкоски.
Шкодата не му одговара, да, знаеме – подобар е мерцедес. Сигурни сме дека Груевски може и модел да му каже кој е најдобар.
Срцепарателните приказни го понесоа дотаму што кажа дека ако загине, СДСМ ќе биде виновен.
Почнува да звучи како неговата сестринска партија со која негуваат односи – таму секоја недела најавуваат дека нешто ќе му се случи на Вучиќ.
Вистинска филмска сцена, солзите се тука. Само нема одговор за 5-те тони дрога преку граница и зошто не се укине луксузот на власта па работниците да добијат плати какви што заслужуваат“.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска ја повика Јаневска да го повлече предлог-законот за високо образование
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница упати прашање до министерката за образование, Весна Јаневска, кое се однесуваше на предлог законот за високо образование и последиците од неговите решенија врз автономијата на универзитетите, квалитетот на образованието и можностите за развој на студентите и академскиот кадар.
Таа се осврна на реакциите од академската заедница кои предупредуваат дека законот премногу ја централизира контролата, се фокусира на процедура и административни прашања, а не ги решава суштинските проблеми како финансии, одлив на млади кадри и слабата поврзаност со пазарот на труд.
„Квалитетот во високото образование мора да биде највисок приоритет не само на надлежниот министер и на владата туку и на сите вклучени во тој степен на образование. И затоа секое законско решение кое го регулира високото образование мора редовно да се осовременува, но тој процес мора да ги вклучува сите чинители и да се сослушаат сите страни.
Откако беше објавен на ЕНЕР предлог законот за високо образование, не стивнуваат реакциите.
Министерке, дали сметате дека овој предлог навистина ги опфаќа сите профили кои студираат на нашите високо образовни институции?
Дали суштински се решаваат проблемите со тоа што се скратуваат можностите на младите да останат да работата на некоја високообразовна институција?
Дали сметате дека предлог законот Не дискриминира? Дали сте подготвени да ги сослушате сите страни? Дали сметате дека закон за високо образование треба да се донесе со сила, со инает, а повторно да останат можностите за “диплома на секое ќоше”? дали сметате дека со вака поставени нешта во високото образование, нема да се продлабочи проблемот со неквалитетните дипломи- додипломски, магистерски, докторски- кои одамна се навлезени во општеството и тие се тие против кои всушност се бориме?
На крај, дали ќе го повлечете законот и ќе пристапите кон изработка на нов предлог закон“, праша Костадиновска-Стојчевска.
Македонија
Нова соработка во FMCG секторот: Нелт Група започнува со дистрибуција на производите на Бамби во Северна Македонија
Бамби, една од најпознатите кондиторски компании во регионот, е нов принципал во портфолиото на компанијата Нелт СТ, членка на Нелт Група. Со оваа соработка, Нелт СТ ја започнува дистрибуцијата на производите на Бамби на пазарот во Северна Македонија.
Партнерството на компанијата Бамби со силен регионален бренд и на компанијата Нелт СТ, која располага со исклучителна локална експертиза во областа на дистрибуцијата и развојот на пазарот, претставува цврста основа за долгорочен раст, унапредување на достапноста на производите и создавање дополнителна вредност за трговските партнери и крајните потрошувачи.

„Со преземањето на дистрибуцијата на брендот Бамби продолжуваме со проширување на портфолиото на стратешки принципали, потпирајќи се на силен дистрибутивен систем и долгорочни партнерства. Силата на Нелт Група произлегува од принципиелната соработка со лидери во различни категории и од високите стандарди што ги одржуваме во секој дел од операциите. Убеден сум дека и соработката со компанијата Бамби ќе биде успешна и долгорочна, бидејќи ги споделуваме истите вредности – квалитетна услуга, професионален пристап и јасен фокус на потрошувачите“, изјави Драган Димоски, менаџер на дивизија Нелт СТ.

Компанијата Бамби е дел од групацијата Coca-Cola HBC Србија, а ја одликува силна пазарна препознатливост, широка база на потрошувачи и значителен потенцијал за понатамошен раст на пазарот во Северна Македонија.

Нелт Група и Бамби веќе со години успешно соработуваат на пазарите во Србија и Босна и Херцеговина, а новата соработка во Северна Македонија дополнително ја продлабочува регионалната соработка. Фокусот на заедничките активности ќе биде насочен кон зајакнување на позицијата на брендот Бамби, развој на портфолиото и проширување на достапноста на производите преку силната дистрибутивна мрежа на Нелт СТ.
ПР

