Македонија
Шилегов: За четири години, Скопје ќе биде град без инфраструктурни проблеми
Вчеравечер, во паркот „Ибни Пајко“, почна изборниот карван на СДСМ и официјалното претставување пред граѓаните на кандидатот и актуелен градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов. Пред насобраните граѓани, покрај Шилегов, се претставија кандидатите за советници, а говор одржа и претседателот на Владата, Зоран Заев.
„Во Скопје 4 булевари се граделе истовремено само два пати, по земјотресот и денес. АСНОМ, Босна и Херцеговина, Никола Карев и Христијан Тодоровски Карпош денес се реалност која никој не може да ја избрише. Минатата година реконструиравме и градевме вкупно 21 улица. Ја нарековме Градежна офанзива бидејќи на толку сообраќајници во една сезона се работело повторно само 2 пати, по земјотресот и денес. Денес во Скопје за прв пат после повеќе децении се градат два нови мостови истовремено“, појасни Шилегов на настанот.
Според него, видливи се заложбите на градската администрација во изминатите 4 години, со многубројни активности поврзани со заштитата на животната средина, подобрување на инфраструктурата и создавање функционален и хуман главен град.
„Граѓаните паметат и се сеќаваат на едно не толку дамнешно време, пред не повеќе од 5 години, кога главна политика на тогашното градско раководство беа фонтани, споменици, криминал и непродуктивни трошења. Сега сликата за главниот град е сосема поинаква“, рече Шилегов.
Во обраќање кон кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, Шилегов порача дека Скопје не смее и нема да биде уште еден експеримент на ВМРО-ДПМНЕ затоа што Скопје не е сопственост на ниедна партија, туку на граѓаните и ги повика сите негови противкандидати да не ги потценуваат граѓаните.
Покрај другите проекти што Градот ги сработи изминативе 4 години, за следниот мандат се издвојува пробивањето на булеварот Македонија (Јужен булевар), кој како ултрамодерна подземна сообраќајница завршува со модерен кружен тек кај поранешна „Нова Македонија“. Набргу ќе биде завршен и булеварот Словенија, кој ќе води до Волково и Ново Село, а ќе биде поврзан и со мостот на „Љубљанска“. Во центарот на градот се изведува и една од најголемите пешачки зони во Европа, која ќе се протега од Собранието до ТЦ „Палома бјанка“ и од старата железничка станица до Бит-пазар, најави Шилегов.
„Затоа, драги мои, во следните 4 години ќе го заокружиме целосно процесот на решавање на сообраќајниот хаос во градот. Во првиот мандат почнавме храбро, а во следниот ќе завршиме и ќе го решиме проблемот за следните 50 години!“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

