Македонија
Шилегов: Зелените коридори на Лепенец и Серава се наследство кое ќе им го оставиме на идните генерации
Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше на јавната презентација на Основниот проект за воспоставување зелен коридор по течението на реката Лепенец, која се одржа во салата на Советот на Град Скопје. Овој проект е изработен врз основа на Студијата за воспоставување зелени коридори по теченијата на реките Серава и Лепенец од 2017 година. Предмет на оваа студија беше да истражи кои се условите и можностите за воспоставување зелен коридор по должината на реката Лепенец, од клучката кај село Орман до вливот во реката Вардар, како и по течението на реката Серава, од изворот до вливот во реката Вардар.
„Во името на Град Скопје сакам уште еднаш да упатам огромна благодарност до УНДП, ГИМ и до тимот експерти кои го изработија Основниот проект за воспоставување зелен коридор по течението на реката Лепенец. Денеска го презентираме пред стручната јавност основниот проект за зелен коридор на Лепенец, а веќе следната недела ќе презентираме ист ваков проект за зелен коридор на Серава. Зелените коридори по теченијата на Лепенец и Серава се ветувања од мојата програма кои влегуваат во фаза на реализација и јас искрено се надевам дека во многу блиска иднина граѓаните ќе имаат можност да почнат да уживаат во она за што денеска ќе разговараме. Улогата на реката Лепенец долг период беше запоставена, како потенцијален простор за поврзување со зелената мрежа на Градот, не само во смисла на подобрување на квалитетот на животната средина, туку и како рекреативен простор, особено заради определбата на Град Скопје да ја проширува својата територија за развој во непосредната околина на реката. Со цел да се сочува автентичноста на природните вредности на крајбрежјето и да се унапреди биолошката разновидност, потребно е коридорот да добие третман на речен парк, со приоритетни заштитни и еколошки функции. На тој начин ќе се обезбедат посебни услови за одмор и рекреација на жителите кои живеат во околните населби“ – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Покрај оваа важна функција, додаде тој, коридорите се од особено значење и за одржување на еколошките процеси, тие се патиштата за движење на животните, тие се основа за одржување на биолошката разновидност и за одржување на здрава животна средина.
„Јас многу не би навлекувал во стручниот дел од оваа презентација, повеќе сакам презентацијата да ја погледнеме заедно и да го чујам вашето мислење на оваа тема. Како што имате можност да видите, во изминатите 3 години откако го преземав управувањето со Градот, ниту еден сериозен проект не е реализиран без консултација со стручната јавност. Ваквите проекти не смеат да се работат паушално и набрзина. И токму поради долготрајноста на некои комплексни зафати кои ги реализираме, сакам заедно внимателно да го поминеме секој чекор и секоја фаза пред да влеземе во реализација. Никој од нас нема право самостојно да решава во име на цела генерација, а уште помалку во името на идните генерации. Зелените коридори на Лепенец и Серава се наследство кое ќе им го оставиме на идните генерации и токму заради тоа е потребата од презентации, дискусија и разговори кои ќе не одведат до оптимално решение кое ќе биде максимално искористено на долг рок, во следните 20, 50, 100 и повеќе години – нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

